„Епл воч“е најпродаваниот часовник во светот, а со новите резултати од продажбата во 2019 година ги надмина не само конкурентите што произведуваат паметни часовници туку и традиционалната швајцарска индустрија за часовници со која може да се пофали оваа земја.
Според студијата спроведена од „Стратеџи аналитикс“, компанијата „Епл“ минатата година на пазарот доставила 30,7 милиони парчиња „епл воч“.
Од друга страна, во истиот период, сите швајцарски производители заедно испорачале 21,1 милион парчиња, пренесува порталот Seebiz.
Така, продажбата на „епл воч“ за една година се зголемила за 36,4 отсто, додека во исто време швајцарските производители забележале намалување од околу 13 отсто.
Помладите купувачи сакаат паметни часовници, а часовникот на „Епл“ е најпопуларен и најдобро се продава на пазарите во Северна Америка, Западна Европа и во Азија.
Овој тренд на пресвртница на клиентите кон часовниците „епл“ се случува затоа што сѐ повеќе помлади клиенти се одлучуваат за паметни часовници, додека постарите сè уште се малку поконзервативни, затоа избираат класични, аналогни часовници.