На денот посветен на вештачката интелигенција на компанијата „Тесла“, за време на презентацијата се појави чивек облечен во бел костим и сива кацига, кој танцуваше низ сцената. Со овој танц, генералниот директор на компанијата, Илон Маск, го најави хуманоиниот робот „Тесла бот“, кој ќе ги извршува секојдневните, макотрпни и здодевни работни задачи, пренесува „Блумберг“.
– „Тесла бот“ е прототип кој би бил достапен следната година. Дизајниран е да ги извршува и елиминира опасните, репетитивни и здодевни задачи. Иднината на физичката, макотрпна работа би била избор. „Тесла“ е најверојатно најголемата роботска компанија во светот. Нашите автомобили се во основа полусвесни роботи на тркала – изјави Маск.
„Тесла ботот“ привлече големо внимание на инаугуративниот ден на вештачката интелигенција, на кој беа истакнати способностите на инженерите на „Тесла“, кои даваа високотехнички презентации за автономното возење со цел да регрутираат таленти во компанијата со седиште во Пало Алто, Калифорнија.
– Развијте ја следната генерација на автоматизација, вклучувајќи општонаменски, хуманоиден робот способен да ги извршува задачите кои се небезбедни, повторливи или здодевни. Ние бараме инженери кои ќе ни помогнат да ја искористиме нашата експертиза за вештачка интелигенција – се наведува во објавата за работа на страницата на „Тесла“.
Маск е познат по откривањето на производи или прототипи кои уште се во зародишна фаза, односно тој првин ја продава визија или идејата, пред таа да постои во реалноста. Во ноември 2017 година, „Тесла“ го претстави својот камионет на настан во близина на Лос Анџелес, но возилото нема да биде достапно пред 2022 година, делумно поради предизвиците со кои се соочува компанијата за создавање поголеми батерии.