Социјалната мрежа Твитер објави дека има намера да ја засили борбата против ширењето дезинформации за вакцините и воведе можност за забрана на кориснички налози по пет предупредувања.
– Сметаме дека овој систем за предупредување ќе помогне во едукацијата на јавноста за нашите регулативи и ќе придонесе за намалување на ширењето на потенцијално опасни или лажни информации преку Твитер, особено за повторени, умерени или сериозни прекршоци – се наведува во соопштението на мрежата.
Твитер во декември лани веќе одлучи да повлече некои лажни информации од корисничките налози, особено оние што сугерираат дека вакцините се користат за да му наштетат на населението или да го контролираат. Мерките исто така се насочени и кон дезинформациите за наводни несакани ефекти или доведување во прашање на постоењето на ковид-19 и потребата од вакцинација. Оттогаш, повеќе од 8.400 твита се повлечени од оваа социјална мрежа, а предупредени се околу 11,5 милиони профили во светот.
– Од второто предупредување до корисниците, профилот ќе биде блокиран 12 часа, по четвртото предупредување, блокадата ќе трае седум дена, а по петтото предупредување сметката ќе биде трајно затворена – стои во соопштението.
Ваквиот систем бил инспириран од системот против дезинформации за изборите и граѓанските постапки, кога Твитер ја укина корисничката сметка на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за повеќекратно кршење на правилата, како што се поттикнување насилство и неговите пораки што ги доведуваа во прашање резултатите од претседателските избори.
Твитер исто така ќе испраќа и предупредување до пораките што може да содржат лажни информации за вакцините против ковид-19.