Занимливости

Ехнатот – мистериозниот египетски фараон

Ехнатот, познат и како Аменхотеп Четврти, е староегипетски фараон што владеел во 14 век пред нашата ера. Ехнатот владеел краток период, меѓутоа со реформите во религијата, етиката и уметноста оставил траен белег во староегипетската и светската историја.
Фараоните го почитувале Амон Ра како врховен египетски бог, но Ехнатот започнал нова религија што почитувала еден бог – Атон. Оваа промена придонела и за промена на фараоновото име од Аменхотеп (Амон е задоволен) во Ехнатот (служител на Атон). Биле изградени нова палата за фараонот и храмови за новата религија, притоа Атон бил почитуван како единствен и универзален бог. Симболот на Атон бил сончевиот диск и сонцето не било почитувано како божество, туку како живототворна сила.
Овој фараон создал и нов правец во староегипетската уметност што е позната како Ехнатов стил, кој се одликува со нови форми и обиди за промена. Овој стил имал силно влијание врз изработката на саркофагот на Тутанкамон.

Храмот кај Ком Омбо

Староегипетскиот храмот кај Ком Омбо е изграден во периодот помеѓу 180-47 година пред нашата ера од страна на македонската династија Птолемаиди. Се одликува со двојна архитектура, која е единствена од ваков тип и не е карактеристична за Старите Египќани. Сите градби – светилиштата, дворовите и внатрешните одаи се во целосна симетрија и се посветени на две божества.
Јужниот дел од храмот е посветен на Собек – бог на крокодилите и плодноста, врховен владетел на реките, езерата и мочуриштата. Северниот дел бил посветен на богот Хор, кој ги имал атрибутите на сонцето и месечината, кој бил претставен како човек со глава на сокол. Храмот имал специфична теологија што се карактеризирала со две теми – универзална и локална, притоа тие се комбинирале.

Нармерова палета – првиот документ што говори за обединувањето на Египет

Нармеровата палета е изработена во триесет и вториот век пред нашата ера од страна на египетскиот владетел Нармер. Палетата всушност е првиот документ во кој се говори за обединувањето на Горен и Долен Египет во рамките на една држава. Нармер е прикажан како со едната рака го држи непријателот за коса и е подготвен да го удри со боздоган, а околу него лежат мртви непријатели. Нармер на главата е прикажан со круната на Горен Египет, можат да се забележат и шест билки на папирус над кои стои богот Хор. На задниот дел е прикажан бик што разрушува градски ѕидишта – симбол на Нармеровата победа.


Амон – врховниот бог на стариот Египет

Амон во почетокот бил локално божество во градот Теба (Васет), односно божество на Горен Египет. Кога тебанските владетели го поразиле Долен Египет и ја наметнале својата власт, Амон станал бог од најголема важност. Во буквален превод името Амон значи скриен, а свештениците го нарекувале и крал на боговите. Негово свето животно е гуската.


Обелиск – симбол на сонцето

Обелискот е монолит чиј врв е во форма на пирамида и најчесто биле поставувани во парови пред староегипетските храмови. Обелискот е симбол на сонцето и е поврзан со култот за исправен камен на кој сонцето се одморало. Слично како и пирамидите, обелискот е врската помеѓу овој и оној свет. Биле поставени пред храмовите на богот Ра во Хелиополис. Во Старото Кралство обелисците не биле украсувани, а само горниот дел бил покриен со злато. Тежината на еден обелиск се движела помеѓу 200 до 500 тони.