Луѓето почнале да ја користат азбуката некаде околу 30 век пр. н.е. во античка Месопотамија, во која биле вклучени сумерските, акадските и египетските цивилизации. Иако првите примероци на пишан текст датираат пред 2600 година пр. н.е., овие списи врежани во камен обично не се сметаат за книги.
Ви ги претставуваме некои од најстарите книги во светот, кои сè уште постојат и денес.
7. Гутенберговата Библија – околу 1450-1455 година
Иако постојат и постари книги од Библијата на Гутенберг, таа е вклучена во овој список бидејќи е прва книга отпечатена со техника на подвижни букви. Библијата на Гутенберг е најстариот пример на книгата каква што ја знаеме денес. Постојат податоци за тоа дека 200 примероци од Библијата биле планирани да бидат отпечатени на памучна хартија и 30 на кожа, но точниот број на печатени примероци не е познат. Денес е познато дека има само 22 примероци и дека е една од најретките и највредни печатени книги.
6. Книгата на Келс – околу 800 година
Книгата на Келс или Книгата на Колумба е едно од најголемите богатства во Ирска и претставува осветлен ракопис од 800 година на новата ера. Пред да се открие дека книгата е напишана околу 800 година, научниците верувале дека книгата е Големото евангелие на Колумба, ирски монах од 6 век. Книгата е именувана по манастирот Келс, каде што се чувала низ вековите. Во моментов е изложена во библиотеката на колеџот „Тринити“ во Даблин, Ирска.
Книгата содржи комплексни и екстравагантни илуминации поради кои овој ракопис има извонредна вредност. Содржи четири евангелија од Новиот завет и се состои од 340 листа од телешка кожа.
5. Евангелие на свети Катберт – околу 7 век
Евангелието на свети Катберт е најстарата книга во Европа и датира од 7 век. Станува збор за препис од евангелието на Јован, но таа била наменета за свети Катберт, во чиј ковчег била складирана по неговата смрт во 687 година. Оваа џебна книга, со димензии 96 на 136 милиметри, е откриена во 1104 година, кога телото на свети Катберт било преместено во катедралата во Дарам, за да се зачува од нападите на викинзите.
Откако книгата била пронајдена во 1104 година, таа завршила во приватна колекција, но на крајот ѝ била донирана на језуитската заедница во Белгија, во 1769 година. Потоа книгата ѝ била позајмена на Британската библиотека во Лондон во 1979 година, која конечно ја купила од језуитите за 14 милиони долари.
4. Евангелијата на Гарима – околу 330-650 година
Евангелијата на Гарима се најстарата илустрирана христијанска света книга, откриена во етиопски манастир. До пред околу десет години, научниците верувале дека овие книги датираат уште од 11 век, но последните истражувања покажале дека книгите датираат од 330 до 650 година.
Според монасите од манастирот Аба Гарима, книгите се чуваат во манастирот уште од неговото основање. Оваа прекрасна Библија е именувана по Гарима, монах што пристигнал во Африка во 5 век и кој ја копирал, како што вели легендата, само за еден ден затоа што Бог го одложил зајдисонцето. И двете книги се обновени со пари од Етиопскиот фонд за наследство, британска добротворна организација што помага во зачувување на уметничките дела пронајдени во манастирите во Етиопија.
3. Библиотеката од Наг Хаманди – околу 3 или 4 век
Библиотеката од Наг Хаманди е збирка од тринаесет гностички текстови, закопани во запечатена тегла пронајдена во 1945 година од арапски селанец, Мухамед ас Саман, во египетскиот град Наг Хаманди. Списите се разликуваат едни од други по авторството, жанрот, местото и времето на создавање. Целата содржина на кодексот е напишана на коптски јазик, иако сите дела се веројатно преводи од грчки, а меѓу нив има и делумен превод на Платоновата „Држава“. Една од списите го содржи единствениот познат целосен текст од Евангелието на Тома.
Се верува дека оваа книга датира од 3 или 4 век, иако била погребана и скриена пред Атанасиј од Александрија да забрани употреба на неканонски книги во 367 година од н.е. Од нивното откритие, овие кодекси влијаат врз современото истражување за раното христијанство и гностицизмот.
2. Синајски ракопис (Синајска Библија) – околу 330-360 година
Синајскиот ракопис, исто така познат како Синајска Библија, е една од најважните и најдобро чувани книги во светот, бидејќи тоа е единствениот примерок на христијанската Библија, која е повеќе или помалку комплетна. Книгата е рачно пишувана копија на Библијата, копија на грчката септуагинта, т.е. првиот превод на Библијата од хебрејски на грчки јазик, кој бил преведен од четворица книжевници во 4 век.
Оваа книга се смета за еден од најдобрите грчки текстови на Новиот завет и била корисна за истражување на библискиот текст. Иако од книгата недостигаат големи делови од Стариот завет, научниците веруваат дека книгата првично ги содржела и Стариот и Новиот завет.
1. Етруршка златна книга – околу 600 година пр. н.е.
Иако не се знае многу за Етрурската златна книга, се верува дека е најстарата книга во светот, која датира од 600 година пред нашата ера. Направена е од дваесет и четирикаратно злато и се состои од шест везени листови, на кои се исцртани јавач на коњи, сирена, харфа и војници. Книгата е пронајдена кон крајот на 1950-тите години на минатиот век, во гроб ископан за време на изградбата на канал на реката Струма во Бугарија.
Лицето што ја пронајде книгата и кое посака да остане анонимно му ја донира книгата во Бугарскиот национален музеј во 2003 година. Тогашниот директор на музејот, Бизидар Димитров, изјави дека автентичноста на книгата ја утврдиле експерти од Софија и од Лондон.