Тајландскиот национален парк Као Јаи во близина на Бангкок по пошта ќе им го враќа ѓубрето на туристите што го оставиле зад себе, пренесува Би-би-си.
Ако фрлате ѓубре во овој национален парк во Тајланд, вашето ѓубре ќе ви се врати во вашиот дом како потсетник дека кога сте во природа треба да оставите чисто зад себе.
Посетителите на овој парк мора да се регистрираат и да напишат своја адреса за да можат вработените да ги пронајдат ако остават ѓубре зад себе.
Оние кои загадуваат, исто така, ќе бидат пријавени во полиција.
Варавут Силпа-арча, тајландскиот министер за животна средина на Фејсбук објавил фотографии од ѓубрето што било собрано и спакувано и кое ќе им биде испратено на посетителите.
– Ова е ваше ѓубре што ќе ви го вратиме – напишал министерот на Фејсбук и предупреди дека загадувањето на националниот парк е казниво дело за што може да се добие казна затвор до 5 години и висока парична казна.
Као Јаи е најстар национален парк во Тајланд од каде одговорните предупредуваат дека оставеното ѓубре претставува опасност за животните зошто би можеле да се обидат да го јадат. Овој национален парк во Тајланд е познат по своите водопади, животни и природни убавини. Тој се наоѓа североисточно од главниот град на Тајланд, Бангкок, а се протега на повеќе од 2.000 квадратни километри и е многу популарен за спорт и рекреација.