Дека родителите се подготвени на какво било жртвување кога се работи за нивните деца, сведочи и приказната од Турција.
Кога малата Гамзе Коркут требала да оди во градинка минатата година, немало пат од нејзиното село до градинката, па ни автобус за да ја однесе дотаму. Планинското село во кое се наоѓа куќата на девојчето во југозападниот дел од провинцијата Мугла било запоставено, а општинската и провинциската власт ги отфрлиле барањата на семејството за изградба на нов пат. Тие рекле дека не можат да сторат ништо околу тоа, бидејќи тоа е земјен шумски пат.
Кога шестгодишната Гамзе се запишала во основно училиште во областа Ментес, нејзиниот татко Рамазан почнал да ја вози со трактор до најблискиот магистрален пат каде што има автобус.
Пет дена во неделата, таткото и ќерката се возеле по нерамен пат со трактор, што одземало многу време и било многу заморно.
Тогаш, таткото Рамазан решил сам да го исчисти, ископа и израмни патот. Сè со свои раце, пишува „Дејли сабах“.
Потоа изнајмил багер и четири камиони. Општината му позајмила уште еден камион, и по шест мачни денови, таткото го завршил патот долг четири километри покриен со чакал. Така малата Гамзе можела да стигне на училиште со автобус кој поминувал пред нејзината куќа.
Но, семејството се соочило со долгови. Откако ги потрошиле сите заштеди за реновирање на куќата што изгорела во пожар пред три години, тие морале да платат 42.000 турски лири за трошоците за изградба на патот.
Рамазан веќе изгубил секаква надеж, кога неочекуван посетител му дошол на врата. Тоа бил локалниот гувернер Канер Јилдиз, кој му пренел дека целиот трошок го отплатила покраината Мугла.