Ансамблот „Танец“ ја затвора јубилејната 70. година од своето постоење со голем новогодишен концерт и промоција на монографија. По серијата концертни чествувања низ градовите низ земјава и меѓународните претставувања во Франција, Шведска и Австралија, „Танец“ настапува заедно со своите гости од Србија, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло“, и со бесценетите антологиски кореографии на „Тешкото“, Невестинското“, „Драчевка“, „Старобосанското немо коло“, српските игри од Стара Планина, од Западна Србија и босилеградскиот крај, како и повеќе оркестарски ора и песни, меѓу кои и познатото „Касапско оро“, популарните „Не стој Доне, Донке“, „Ој, Мораво“ и многу други. Капацитетот на Македонскиот народен театар беше мал за да ги покрие со билети сите љубители на врвниот музичко-сценски фолклор. Картите за овој настан беа распродадени за само неколку дена.
Своевиден куриозитет на концертот е премиерната изведба на новата кореографијата со наслов „Радовишки собор“ на нашиот истакнат игроорец и кореограф Јовица Блажевски, претставник на последната генерација кореографи на „Танец“, кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите поставки „Посеље“, „Кумановка“,„Малешевка“ и „Пијанец“, кои последниве години ја одушевуваат публиката дома и надвор од земјава. Блажевски подолг период го истражуваше радовишкиот регион и од собраните материјали на теренот одбра новата кореографска творба да ја темели врз изворните радовишки соборски ора „Кукурику петле“, „Ситната“, „Трченица“, „Тоска“ и „Маца вода лие“, како и ороводната песна „Покрај, накрај Кате“. Во негов стил, карактеристичен и за претходните поставки, тој главно се базира врз изворните чекори на споменатите ора, со вешти кореографски адаптации во духот на македонската игроорна традиција.
Музичката обработка на споменатите традиционални ора му е доверена на познатиот македонски хармоникаш, композитор и аранжер Дарко Илиевски, наедно и долгогодишен знаменит член на оркестарот на „Танец“.
„Танец“ во оваа важна година го издаде и своето најново ДВД на кое се наоѓа спектакуларниот јубилеен концерт на ансамблот, кој се одржа во МОБ во јуни годинава и кој ќе остане запаметен по спектакуларните изведби во модерниот амбиент постигнат со најновите технологии на 3Д-мапирање.
Посебна вредност за одбележување на 70-годишнината на „Танец“ има и најновата двојазична монографија. Книгата „Остани во чекор“ е посветена на десет антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“, а автор е познатиот македонски етномузиколог Кирил Тодевски. Преводот на англиски го направи Марија Џонс, а издавач е „Арс ламина“. Публикацијата содржи комплетни нотографии за сите десет кореграфски поставки направени од Марко Коловски, а изобилува и со богат фотографски материјал од архивата на ансамблот. Нејзиниот луксузен изглед го даваат прекрасните фотографии, кои специјално за книгата и пригодата ги направи познатата фотографка Маја Аргакијева.