Тамара Тодевска, деновиве во Тел Авив, Израел ја сними разгледницата што ќе се емитува пред нејзиниот настап во второто полуфинале на 64-та „Евровизија“, на 16 мај. Спотовите се снимаа на интересни локации, во модерниот дел на градот, но и меѓу историските градби и локалитети, како што е стариот град Јафа, но и на големиот број песочни плажи покрај Средоземно Море.
– Прекрасно си поминав на снимањето на евровизиската разгледница. Големо благодарам за целиот тим што направи да се чувствувам толку добредојдено. Многу сум горда што сум дел од ова неверојатно патување – вели Тамара.
Таа на евровизиската сцена ќе ја испее песната „Proud“ заедно со придружните вокали: Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев. Нашата евровизиска претставничка ќе биде облечена во креација на Александар Ношпал.
Интересот за „Горда“ сѐ уште не стивнува меѓу евровизиските обожаватели, до кои допре пораката на оваа емотивна балада, упатена до сите жени во светот, да бидат горди на она што се. „Proud“ e авторско дело на: Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Музичкото видео го режира Чедо Поповски.