Дури 23,3 отсто од гласачите на изборот за евровизиските радионагради за најдобар женски вокал ѝ го дале својот глас на македонската претставничка Тамара Тодевска, што воедно е прв трофеј за нашата земја на ова натпреварување. Зад Тамара се Кејт Милер-Хајтке од Австралија и Тамта од Кипар. Во категоријата за најдобра песна, наградата ѝ припадна на победничката „Аркада“ во изведба на Данкан Лоренс од Холандија.
Нашата „Proud“ беше рангирана на високото 5 место. Лука Хани од Швајцарија победи во категоријата за најдобар машки изведувач, оставајќи го победникот Данкан на второто и Италијанецот Махмуд на третото место. Норвежаните „Кеино“ се прогласени за најдобра група.
Гласањето за радионаградите на „Евровизија“ траеше од 1 до 10 јуни, а фановите и слушателите на евровизискиот натпревар низ светот одлучуваа кому ќе му припаднат трофеите.