Серијата „Јованка Брзо и тајните служби“ на РТС открива дали Јованка била психијатриски случај, параноична и болно љубоморна жена или била само упорна, тврдоглава, горда и достоинствена сопруга
Во монодрамата „Јас, Јованка Броз“, на сценаристот и режисер Милан Шарац, улогата на некогашната прва дама на Југославија ѝ беше доверена на Снежана Савиќ. И, еве, повторно познатата глумица е во истиот лик, во документарно-играната серија „Јованка Брзо и тајните служби“ на РТС, која се емитува во понеделник, во 22 часот. Нејзин автор е генерал Светко Ковач, автор на серијата на истата телевизија – „Тајните служби на Србија“.
– Отсекогаш сум посакувала да ја играм Јованка, а ако нешто многу сакате, ќе ви се оствари. Нема глумица што не би го прифатила овој професионален предизвик – вели глумицата Снежана Савиќ.
Во текот на својата долга и успешна кариера, таа остварила голем број улоги, а за оваа вели дека во секој поглед била тешка и деликатна. Јованка Броз беше сопруга на доживотниот претседател и маршал на Југославија, Јосип Броз-Тито. Таа беше офицер, народен херој и беше одликувана со многу ордени уште за време на НОБ. Му беше верна сенка на Тито. Иако за неа се знае многу, сѐ уште нејзиниот живот е прекриен со превезот на мистеријата. Во 1980 година се повлече од јавниот живот и до денес овој период остана тајна.
– Ова е хроника за едно минато време, кое го обележија Тито и Јованка. Сѐ уште не сум сигурна дали ова е вистинскиот момент да се расветли овој дел од минатото, кој, секако, е важен и незаобиколен – тврди Савиќ.
Таа смета дека за Јованка би требало да се сними и голем холивудски филм.
– Во светот е тренд да се снимаат вакви серијали, комбинација на документарен и игран жанр, па, еве, и во целиот регион серијата е добро прифатена и чинам се крена голема прашина уште по првата епизода. Тито и Јованка заслужуваат за нив да се снимаат филмови и емисии, па и нивната приказна да се преточи во голема играна серија – вели познатата српска глумица.
Таа ја глуми Јованка непосредно пред смртта на Тито, а младата Јованка ја игра глумицата Милица Томашевиќ.
Голема физичка сличност со Јованка
– Да, имам физички предиспозиции за оваа улога и не требаше многу да се работи на маската, но, сепак, тоа не е доволно добро да се долови ликот. Јас многу се трудев. Добив и аудиоснимка, единствена што е зачувана, а ја направила Мира Адања Полак, кога разговарала со неа преку телефон. Јованка малку зборувала на јавни собири и не постојат снимки. Она што го добив, со часови го преслушував за да ѝ ги фатам дикцијата, мелодијата на гласот и интонацијата и сѐ да биде уверливо. И задоволна сум, веќе по првата епизода ми рекоа дека сум успеала, бидејќи помислиле дека зборува Јованка. Инаку јас, заедно со глумецот Тихомир Станиќ, сум и наратор во серијата. Јованка почина на 88 години, а јас ја играм од нејзината 56-та година до заминувањето, тогаш кога беше наклеветена дека има своја тајна служба, поради што била разделена од Тито, кога се сели во стара запуштена куќа, без греење, каде што живее во нехумани услови. Јованка имала драматични мигови во третата доба, но мислам дека била похрабра од многу мажи – вели Савиќ за сличноста со Јованка.
Таа дополни дека посебен квалитет на серијата ѝ даваат над 25 соговорници, еминентни стручњаци од областите историја, безбедност, политика, правосудство, психологија, психијатрија, но и претставници на службите за безбедност.
За време на снимањето на серијата „Јованка Броз и тајните служби“, таа глумела и во телевизиската серија „Игра на судбината“ и во комедијата „Златни денови“ на Гордан Михиќ.
– Беше многу напорно, но за мене работата секогаш е на прво место. Мојот опус е голем, особено телевизискиот, филмскиот е нешто помал, а театарскиот, па, еве, се зголемува во последно време. Многу нешта не стигнав да направам поради мојата музичка кариера, па се случуваше да одбивам улоги поради турнеите по светот. Со ова животно искуство и годините што ги имам, за некои одлуки се каам, можеа многу нешта поинаку да се случат – се сеќава Савиќ во свето интервју за српскиот весник и портал „Политика“.
Таа е среќна што играла во сериите на Синиша Павиќ, кои и денес се популарни и се прикажуваат, што имала многу различни ролји, била и Коштана и Малина, Рајна, но и мајка на Вук Караџиќ, сопруга на Никола Пашиќ… Играла и во мини-серијата „Воени судбини“, со Кенет Брана и Ема Томпсон. Последнава година ја гледаме како лошата бароница Донка во „Игра на судбината“, што се емитува и кај нас на Алфа ТВ, која стана многу популарна кај гледачите. Деновиве се снимаат последните епизоди на оваа серија.
Што откриваат новите епизоди?
А што се однесува до новите епизоди на серијата за Јованка Броз, во нив ќе стане збор за тоа дали таа учествувала во подготовка на аферата за прислушување и во смената на Александар Ранковиќ и што мислела за тоа 50 години по овие настани. Зошто некои Титови соработници сакале тие да се разведат и да ја одделат Јованка од Тито и што сѐ правеле тоа и да се оствари? Што крие „загрепската епизода на Јованка“, кој и на каков начин се обидувал тоа да го искористи за да ја компромитира и каква била улогата на службите за безбедност во тоа? Дали Јованка била психијатриски случај, параноична и болно љубоморна жена или била само тврдоглава, горда и достоинствена?