И покрај сè потешката економска ситуација во земјава, сепак сè поголем број граѓани на Кичево не се откажуваат од своето хоби да чуваат украсни рипки и папагалчиња. Во неколку наврати, ги посетивме овие специјализирани продавници и самите се уверивме дека во пораст е бројот на граѓаните кои се преокупирани со ова хоби и во детали се запознаени како домашните миленичиња се хранат и негуваат.
-И мене не ми се веруваше дека кај моите сограѓани владее толкав интерес за поседување на аквариуми со украсни рипки и папагалчиња. Бројот на граѓани е сè поголем, но пријатно сме изненадени што нашите муштерии во детали се запознаени со видот на рипките што ги чуваат или папагалчињата шти ги поседуваат дома и која храна е најсоодветна за кој дел од годината и за нивната возраст- вели Павлина вработена во една од овие продавници .
Граѓаните од разни побуди имаат свое хоби и секој на свој начин гледа на чувањето украсни рипки и папагали.
-Уште како мали поседувавме аквариум со украсни рипки и таа љубов од детството ме следи до ден денес. Со големо задоволство го негувам ова хоби кое во целост ме исполнува, а гледам дека и моите деца се повеќе ги преокупира аквариумот и украсните рипки, се интересираат и се распрашуваат за сите детали. Сметам дека ова хоби не е скапо- вели Слободан Страшеноски, спортски риболовец од Кичево, кој напоредно лови риби и во домот го негува своето хоби со украсни рипки.
Од украсните рипки како што дознавме најмногу се барани, скаларот, борецот и чистачите на дното, додека од папагалчињата најмногу се барани тигричките. Возрасната група на граѓаните кои се преокупирани со ова хоби е различна, а во повеќе наврати децата се тие кои ги присилуваат своите родители да им купат аквариум или папагали.
-Никогаш не сум помислувал да поседувам аквариум со украсни рипчиња, но честите посети кај еден мој пријател кој поседува аквариум ги променија работите, бидејќи мојот син ми предложи зошто и ние дома да немаме наш аквариум со украсни рипки. И по сугестиите на синот, одлучив да набавам аквариум со средна големина и од тогаш ова хоби ми стана секојдневна преокупација. Сега и јас станувам добар познавач во одгледувањето украсни рипки -вели Драган Петрески, еден од поновите вљубеници во ова хоби.
Зоран Антоски