Карантинот не ги обесхрабри членовите на „Суперхикс“, туку напротив, ги мотивираше во домашни услови да настане нивната нова песна „СКАрантин“.
Се работи за бунтовна, игрива и ексцентрична песна во која ќе се пронајде секој екстроверт, но и интроверт.
– СКАрантин, сите сме во СКАрантин – велат Суперхикс во стиховите проследени со веселата ска музика, препознатлива за нив.
Во видео спотот се појавуваат и фанови на бендот кои се забавуваат во нивните домови, со заштитни маски, играат, пеат, свират и покажуваат како го поминуваат своето време во карантин.
– Спотот е изработен во домашно-карантински услови со помош на нашите фанови кои што ни испратија видеа како танцуваат и се забавуваат на нашиот нов сингл. Многу сме горди и среќни што песната беше прифатена позитивно од нивна страна и ни покажаа уште еднаш дека вреди да твориме и во тешки и во убави времиња – велат членовите на „Суперхикс“.
Карантинската аудио обработка е дело на Ненад Трифуновски – Трипе, а карантинската видео обработка ја направи Гоце Лалковски.