Група од 22 студенти од Холандија успеале да направат целосно функционален електричен автомобил користејќи пластика извадена од океан, рециклирани пластични шишиња и отпад од домаќинството. Со намера овој проект да даде плод, студентите издвоиле 18 месеци и на крајот создале специфичен светложолт автомобил што го крстиле Лука.
Според студентите што учествувале во проектот, 2,1 милијарди тони отпад годишно се фрлаат во Холандија, поради што тие сакале да им покажат на луѓето дека тоа не е во ред и оти може да се спречи, и дека целиот тој материјал, кој инаку е фрлен, може да биде многу вреден и корисен. Автомобилот Лука има две седишта и е целосно функционален, и сега веќе вози низ улиците на Холандија.
Најголемата брзина што може да ја достигне е 90 километри на час, а кога батеријата е целосно наполнета може да помине и околу 220 километри. Секако после тоа е потребно повторно полнење.
Интересен е и материјалот што е користен во изработка на автомобилот. Школката на автомобилот е направена од тврда пластика што е искористена од веќе стари и неупотребливи телевизори, апарати во домаќинството, детски играчки, додека седиштата се направени од кокос и коњски влакна.
– Сѐ повеќе и повеќе автомобилски компании користат отпад или материјали од биоразградлив отпад за изработка на ентериерот на автомобилите, но ние сакаме да покажеме дека е можно да се направи шасија од вакви материјали, не само внатрешноста – изјави еден од членовите на студентскиот тим, Матијас ван Вијк.