Целта на ревијата „Реинкарнација“ е да се сензибилизираат младите генерации да дизајнираат поодговорно, да се издигнат свесноста за животната средина и односот кон животната средина

Водени од мислата за создавање одржлива мода, совесен пристап кон природата, намалување на текстилниот отпад студенти од Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) на чело со професорката Лидија Георгиева в недела, во 19 часот, во просториите на Европскиот универзитет во рамките на „Модниот викенд Скопје“ ќе упатат моќна порака до посетителите креирајќи парчиња од текстилен отпад и презентирајќи ја колекцијата „Реинкарнација“.

Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиева, студентите на ТМФ работеа на проектот „Рециклирање“, кој се занимава со проблематиката на зачувување на животната средина. Оттука потекнува инспирацијата за оваа ревија наречена „Реинкарнација“.

– Во Македонија се соочуваме со голем проблем, односно фабриките се соочуваат со голем проблем на текстилен отпад, и со тој проблем допрва ќе треба да се занимаваме. Во моментов начинот на кој се минимизира не е во ред, и постојат големи ризици за загадување на животната средина. Целта на нашиот проект беше студентите на ТМФ да посетат неколку текстилни фабрики, студентите да се послужат со делови од тој текстилен отпад, да се инспирираат и да изработат дизајн. Односно целта е сензибилизација на идните дизајнери на оваа проблематика. И спонтано се наметна идејата да ги презентираме овие модели на „Моден викенд“. Значи оваа ревија е само дел од големиот проект „Рециклирање“, во кој учествуваат 5 студенти, а в недела ќе бидат презентирани 10 модели на три сцени, кои се визија на нашите идни генерации за тоа како тие размислуваат и кој е нивниот пристап за рециклирање. Темите се навистина интересни. Целта е да се сензибилизираат младите генерации да дизајнираат поодговорно, да се издигнат свесноста за животната средина и односот кон животната средина. Модната индустрија е еден од поголемите загадувачи.

Текстилниот отпад е голем, некои луѓе носат трипати едно парче и го фрлаат, а постојат разни начини на рециклирање, па време е да почнеме да применуваме некои од нив – вели Лидија Георгиева, менторка на проектот „Реинкарнација“.
Магдалена Димковска, Донева Мартина, Тамара Богдановска, Јана Маринковска, Катерина Димитровска се петте студентки што ја креираа „Реинкарнација“.
Едната сцена е насловена „Инсајд аут“ каде што ќе се презентираат креации на студентки од втора година, Донева Мартина, Магдалена Димковска, Тамара Богдановска.

– Целта на проектот беше да се искористат материјалите што остануваат од големите фабрики за да се намали текстилниот отпадок, основната порака што сакаме да ја испратиме тука е од еколошки карактер. Но самиот факт дека од отпадок треба да направиме дизајн, да му дадеме втора употреба, нѐ инспирираше да размислиме сега и да ве прашаме, дали се рециклира само тоа што е материјално, можеме ли да ги рециклираме мислите, да почнеме од рециклирање на самите себе, да ги рециклираме луѓето… Пораката на нашиот проект е дека можеби вистината е во очите, но понекогаш не можеме да ја препознаеме поради заслепеноста од тоа што е околу. Целиот проект беше сведен на групна работа, јас ќе учествувам со два дизајна каде што надворешниот дел ќе биде изработен од постава, чија употреба е најчесто за украсување и заштита на внатрешниот дел од облеката. Со ова сакам да кажам дека е важна и внатрешната убавина на човекот. Важно е да го гледаме и тоа што не може да се види – вели Магдалена Димковска, која е студентка од втора година и чии креации ќе бидат презентирани на сцената „Инсајд аут“, на која работеше заедно со Донева Мартина, Тамара Богдановска.

Јана Маринковска, апсолвентка, инспирирана од шаренилото од отпадот ќе се обиде да прикаже дека нешто грубо може да се трансформира во нежност. А Катерина Димитровска, која е трета година вели дека приказната за нејзините креации е фантазмагорична, а облеката е во постапокалиптичен, индустриски стил.

– Самиот факт што е изработена од текстилен отпад додава на ефектот на бунтовност кон одредени морали на општеството; во случајот најмногу кон негрижата за природата и тортурата врз невини луѓе – вели Катерина.


Фрапантни бројки за текстилниот отпад

Текстилниот отпад е двојно зголемен во последните 20 години. Просечен Американец фрла околу 80 килограми корисна облека по лице. На синтетичка облека ѝ требаат стотици години за да се распадне. Потрошувачите се сметаат за главен виновник за фрлање на искористената облека, бидејќи само 15 проценти од употребената облека за потрошувачите се рециклира. Просечно лице купува 60 отсто повеќе облека секоја година и половина од неа чува околу 15 години, генерирајќи огромно количество отпад. Просечниот животен век на ткаенината е околу 3 години. Речиси 99 проценти од текстилот и облеката се рециклираат. Повеќе од 70 проценти од светското население користи облека од втора рака. Индустријата за рециклирање на текстил во САД отстранува околу 2,5 милијарди фунти постпотрошувачки текстил секоја година од отпадот и создава повеќе од 17.000 работни места. Голем дел од облеката се дава во добротворни цели. И 61 процент од текстилот за еднократно и рециклирање се извезува во други земји.


Рециклирање облека

Пристапот до евтина облека и ткаенини доведе до значителен раст од потребата од ефикасно рециклирање на вишокот облека. Деведесет и девет проценти од користениот текстил се рециклира. Рециклирањето текстил и облека може да опфаќа стара облека, постелнина и други текстилни производи. Тоа не само што го намалува количеството на отпадот што оди во депонии, туку исто така ја обезбедува и многу потребната помош за земјите од третиот свет. Преку трудољубивите напори за рециклирање на текстилната индустрија и облека, некои од најсиромашните нации во светот можат да ги облечат своите жители. Рециклираната облека обезбедува и еколошки и економски придобивки.

[email protected]