Во првите три месеци од оваа година, најмалку 800 луѓе низ светот починале поради дезинформации за коронавирусот, велат научниците. Според резултатите од студијата објавена во Американското списание за тропска медицина и хигиена, околу 5.800 лица се хоспитализирани поради последици од верувањето во лажните информации на социјалните мрежи, пренесува „Би-би-си“.
Многумина починале откако пиеле метанол или средства за чистење на база на алкохол, погрешно верувајќи дека овие производи ќе ги излекуваат. Светската здравствена организација предупреди дека епидемијата на лажни вести се шири толку брзо колку и самиот вирус.
– Многу жртви следеле совети што личеле на веродостојни здравствени совети, како консумирање големи количества лук и голтање големи количества витамини како начин за спречување на инфекцијата. Други, пак, консумирале пијалаци како урина од крави – наведуваат авторите на студијата.
Според истражувањето спроведено од „Би-би-си“, дезинформациите за вирусот довеле до напади, подметнување пожари или смрт. Истражувачите откриле дека гласините што се ширеле на интернет во Индија довеле до напади врз жртвите или до масовни труења во Иран. Телекомуникациски инженери доживеале закани и биле нападнати, а многу од телефонските столбови биле запалени поради теориите на заговор што се ширеле преку интернет.
Социјалните мрежи им овозможиле на измамниците да ја искористат пандемијата за да продаваат неефикасни антивирусни средства, така што луѓето плаќале пари за овие „чудесни минерални препарати“, а добивале разредено белило. Неодамнешното истражување во САД покажало дека 28 проценти од Американците веруваат дека Бил Гејтс сака да имплантира микрочипови кај луѓето со помош на вакцини.