Во 13 категории ќе бидат прогласени најуспешните жени во спортот за изминатата 2018 година. Настанот ќе се одржи денеска во хотелот „Александар палас“, во 20 часот, во организација на граѓанската организација ТАКТ, која работи и се залага за родова еднаквост во спортот.
Статуетки ќе добијат 13 жени во 13 категории, и тоа најнадежна млада спортистка, најдобра спортска новинарка, најдобра спортска менаџерка, судијка, женски тренер, женски тим, жена што има придонес за родова еднаквост во спортот, признание за Специјална олимпијада Македонија, посебно признание за животно дело, најдобрата спортистка со инвалидитет, најдобрата спортистка во колективен спорт, во индивидуален спорт, како и најдобра спортистка за 2018 година.
Целта на овој настан е да се истакнат квалитетот и значајноста на женскиот спорт во Македонија, да се актуализира и промовира заложбата за родова еднаквост во спортот и да се поттикне поголема медиумска поддршка на жените што се активни во спортскиот сектор.