Во градската библиотека во Кичево денеска ќе биде претставен вториот дел од романот „Марта“, насловен „Другата Марта“, на нашиот плоден писател за деца и во последно време и за возрасни Горјан Петрески. Според неговите зборови, најдобрата оцена за квалитетот на едно дело се читателската публика и нејзиниот интерес.
– Публиката ја потврдува вредноста, зашто ниедна друга книга не сум ја очекувал со толкава љубопитност како „Другата Марта“. Мислам дека со ова дело успеав да ја надминам првата книга, но последниот збор секогаш го имаат читателите. Ако ме „казнат“, можеби творечкото интересирање ќе го свртам кон романите за возрасни.
Така, за романот „Духот на Михаил Косар“, кој се појави пред една година, имам добар одглас, а во подготовка ми е и новиот роман за возрасни „Годишните времиња од Вивалди“. Се надевам дека до такво разидување со тинејџерите, сепак, нема да дојде, бидејќи, според мене, тие се најдобрата и најискрената публика – истакна авторот Горјан Петрески. И втората, како и првата книга „Марта“ на Горјан Петрески, ја издаде „Македонска реч“ од Скопје.