Наградената макфестовска тема на Дани, „Време“, во која се опишани десетици години живот доби своја видеоприказна. Оваа моќна балада е дело на докажаниот авторски тандем Весна Малинова – Бабамов, музика и текст, и Киро Бабамов, аранжман, а продукцијата ја потпишува Дејан Момировски и неговото студио ХХЛ. Видеозаписот е дело на уште еден долгогодишен соработник на Дани, Чедо Поповски.
Кадрите што се вметнати во спотот се снимени на повеќе локации, во земјава и надвор од неа, а приказната е мошне емотивна како и самата композиција. Со овој свој видеозапис Дани го најавува јубилејниот, солистичкиот концерт насловен „рок-симфонија“ што ќе се одржи на 7 март во Македонската филхармонија. Тоа ќе биде своевидно патување низ дведецениската кариера на Дани, а на сцената при изведбата на рок-симфонијата ќе ја придружува филхармониски оркестар под диригентската палка на Бисера Чадловска. Влезниците за концертот можат да се купат преку продажните мрежи на Mktickets.mk и Karti.com.mk.