РЕВОЛУЦИОНЕРЕН ИЗУМ – МЕДИЦИНСКИ ШЛЕМ

Шлем што го зашеметува мозокот со инфрацрвена светлина може да помогне во лекувањето на деменцијата, покажа студијата на научниците од Универзитетот во Дурам. Имено, споменатите научници развиле шлем што директно преку черепот испушта инфрацрвена светлина во мозокот. Испитувањето на уредот покажало дека носењето на шлемот двапати дневно по шест минути ги подобрува меморијата, моторните функции и вештините за обработка на податоци кај здрави возрасни лица. Научниците тврдат дека доколку резултатите се потврдат и кај луѓето со деменција, шлемот би можел да ја „промени играта“ во борбата против деменцијата, како неизлечива болест што погодува околу 850.000 Британци.
Шлемот од 7.250 фунти работи на процес наречен „фотобиомодулација“, при кој пулсирањата на инфрацрвената светлина се насочени длабоко во мозокот. Шлемот ПБM-T, развиен од „Макалум“, емитува инфрацрвена светлина од 14 светлосни ЛЕД-низи што се ладат со вентилатор.
Уредот е дизајниран од д-р Гордон Дугал, општ лекар во округот Дурам, кој работел со научници за проучување на т.н. „транскранијални фотобиомодулаторни терапии“ (ПБМ-T).

– Потребни се многу повеќе истражувања за целосно да се разбере механизмот на шлемот. Студиите покажаа дека брановите должини на инфрацрвената светлина помагаат да се „преврти“ оштетувањето на нервните клетки кај пациенти со деменција. Третманот ги подобрува митохондриите што им даваат енергија на клетките, што го стимулира мозокот да ги активира имунолошките клетки што ги отстрануваат токсичните протеини поврзани со деменција – тврди д-р Дугал.
Истражувачите веруваат дека терапијата, исто така, го зголемува нивото на азотен оксид и затоа го подобрува протокот на крв во мозокот, осигурувајќи дека повеќе кислород доаѓа до мозочните клетки. Тие се надеваат дека шлемот би можел да биде корисен и за други нарушувања, како Паркинсонова болест, трауматска повреда на мозокот или болест на моторните неврони. Шлемот се става многу лесно, што значи дека терапијата може да се спроведува и дома.
Водечкиот истражувач д-р Пол Чазо, кој помина 20 години проучувајќи ги инфрацрвените бранови должини за лекување на деменцијата, вели: „Се покажа дека шлемот ја унапредува и подобрува меморијата на здравите луѓе откако нивниот мозок е изложен на специфичните влијанија. Иако ова е една од првите вакви студии, очигледно е дека инфрацрвената терапија во иднина многу ќе придонесе за лекување на деменцијата“.
Истражувањето е објавено во списанијата „Фотобиомодулација“, „Фотомедицина“ и „Ласер срџери“.