Данскиот произведувач на играчки „Лего“ размислува за воведување модел за изнајмување на популарните коцки, за да се реши проблемот со употреба на пластиката во изработката на нивните производи.
Производствените компании од различни сектори на ваквиот модел за изнајмување производи гледаат како можност за подобрување на нивното влијание врз животната средина, како и нов извор на приход.
Комисијата за бизнис и одржлив развој, формирана во Давос во 2016 година, процени дека приходите и потенцијалните заштеди од изнајмување производи би можеле да достигнат до 1.000 милијарди американски долари до 2030 година.
Потпретседателот на компанијата „Лего“ одговорен за деловна одржливост, Тим Брукс, во изјава за „Фајненшл тајмс“, на неодамнешната конференција во Лондон, рече дека „Лего“ е целосно отворен спрема идејата за изнајмување играчки.
– Тоа е можно, иако постојат одредени технички пречки – рече Брукс.
Притоа тој мислел на комплексноста на одредени комплети на лего-коцките, кои содржат илјадници делови во нив.
– Колкави се шансите да го изнајмите комплетот на осумгодишно дете и подоцна да ги вратите сите парчиња назад – додаде Брукс.