Домување
Поради тоа што се во тренд, но и поради практичноста денес дневните соби почесто ги опремуваме со аголни гарнитури отколку со двоседи и троседи. Тие некогаш доминираа во дневната зона, а денес ретко кој се одлучува за нив, што е вистинска штета, бидејќи овие парчиња мебел во просторот изгледаат значително поефектно од гарнитурите.
Едноставно оставаат подобар впечаток, а нивниот дизајн, боја и текстура повеќе доаѓаат до израз. Освен тоа, опремувајќи ја дневната соба со софи, може да се прават повеќе нивни комбинации – не само преку различни бои туку и преку стилови.
При изборот секако не потпирајте се само на естетскиот изглед, иако тој е многу важен. Задолжително испробајте различни модели и уверете се во нивната удобност и комфор, но и во цврстината на материјалот. Имајте на ум дека двоседите и троседите на извлекување секогаш се поскапи, но и дека нивниот век на траење е значително помал отколку на оние парчиња мебел што не може да се претворат во лежај.