Во најновиот хит на „Пиксар“, предвремено починатиот џез-музичар мора да ја убеди неродената душа да се согласи да се роди повторно на Земјата. Притоа, тој мора да одговори на прашањето над сите прашања: Зошто? Одговорот на тоа прашање, како што го знае секој што некогаш живеел, е многу тежок, но нема подобар медиум преку кој може да се изнесе тој одговор од живописниот анимиран филм. За што би жалеле доколку го напуштите овој свет одеднаш и прерано? За неисполнетите планови и желби? За друштвото на најблиски? За неостварените љубови и пријателства? За мирисите, вкусовите, звуците и допирите? Или, едноставно, за сè?
Одговорот на ова прашање лежи некаде во боите, линиите и облиците на најновиот хит на „Пиксар“ – „Соул“. И одговорот е навистина спектакуларен. Приказната за „Душата“ се врти околу Џо Гарднер, училиштен учител по музика и џез-пијанист, кој никогаш не успеал да постигне забележителна кариера.
Џо на почетокот на филмот минува низ еден ден што се чини дека е еден од најдобрите во неговиот живот. На училиште, тој конечно е ангажиран во траен однос, а потоа оди на аудиција за пијанист во легендарен џез-бенд, кај саксофонистката Доротеа Вилијамс, каде што комплетно воодушевува. Задоволен и импресиониран од денот, брза кон дома и расеан од ентузијазмот и брборењата на телефон, паѓа во канализациски отвор, по што следува интересен заплет.
„Соул“ е прекрасен филм, за кој критичарите велат дека е штета да се бараат мани воопшто, но сепак една се издвојува од самиот почеток – концептот на овој филм е премногу сложен за децата.
„Пиксар“ досега имаше доста филмови во кои некои слоеви или делови беа очигледно наменети за возрасни, а не за деца. Како што е целата егзистенцијалистичка приказна на Вуди во „Приказна за играчките“, концептот на психата во „Инсајд аут“ и до одреден степен емотивната компонента на патувањето во задгробниот живот во филмот „Коко и големата тајна“. Но она што ни го носи „Соул“ во својата суштина е можеби дури и премногу комплицирано за помладите возрасни, а децата сигурно нема да го сфатат тоа. Преку приказната за Џо и неговата задгробна авантура со душата број 22, имено, се разработени емоциите типични за кризата во средниот живот. Поради својата несреќа и одењето во задгробниот живот, Џо е принуден да се соочи со својот дотогашен живот – пропуштени можности, но не само музички, на кои толку опсесивно бил фокусиран. Принуден е да се соочи со фактот дека тој занемарувал и слабо одржувал некои врски (со својата мајка, со бербер што бил подготвен да стане негов пријател, со своите ученици), но и со фактот дека, заклучен во своето незадоволство и фрустрации, тој не успеал да види колку е живописна и убава животната содржина.
Принуден да ја убеди душата број 22 да се согласи да живее на Земјата, Џо всушност е принуден да открие зошто вреди воопшто да се живее и зошто вреди да се живее неговиот живот. Тоа е концепт што ретко кое дете ќе го разбере, но, сепак, критичарите велат дека слободно може да го погледнат и децата.
Можеби нема да им биде јасно за што точно се работи во приказната, но самата „душа“ на овој филм – неговата разновидност, различноста на ликовите прикажани во него, вртоглавата џезерска импровизација што шета низ живописни сцени на Земјата, сигурно нема да ги остави рамнодушни.
А возрасните – сигурно ќе се препознаат во аспирациите и сомнежите на Џо.