Емануела Сење, француска глумица и сопруга на режисерот Роман Полански, одби да стане членка на американската Академија за филмски уметности и науки. Таа ја обвини академијата за лицемерство, бидејќи пред неколку месеци од членството го исклучи нејзиниот сопруг, поради кодексот на однесување донесен откако во јавноста се појавија низа обвинувања за сексуално вознемирување и злоупотребување во филмската индустрија.
– Отсекогаш бев феминистка, но како би можела да го занемарам фактот што Академијата за филмски уметности и науки пред неколку недели го исфрли мојот сопруг од членството во обидот да биде во согласност со духот на времето. Тоа е истата онаа академија што во 2002 година му додели „оскар“. Веројатно мислат дека сум без образ, глумица што би направила сѐ за подем во општеството и во кариерата и која ќе заборави дека веќе 29 години е мажена за еден од најголемите светски режисери – напиша Емануела Сење во колумната што е објавена во францускиот магазин „Ле журнал ду Диманш“.
„Оваа жена нема никогаш да ја добиете“, порачува актерката на крајот на својот текст.
Роман Полански, кој во 2003 година беше награден со „оскар“, е исфрлен затоа што во 1977 година признал оти имал незаконски сексуален однос со 13-годишно девојче во Лос Анџелес. Стравувајќи дека ќе добие висока затворска казна, тој избегал во Франција, а случајот што се води против него сѐ уште не е завршен.