Сондата на Американската вселенска агенција(НАСА) денеска пристигна до астероидот Бену.
Станува збор за мисија вредна 800 милиони долари, која започна пред две и пол години од Кејп Канаверал.
Сондата именувана „Озирикс-Рекс“ денеска околу 18:30 часот по наше време стигна до астероидот Бену, кој се наоѓа во појасот на астероиди меѓу Марс и Јупитер. Астероидот Бену е темен кружен астероид богат со слоеви јаглерод.
Бену е мал, дијаметарот е околу 500 метри, но затоа има голем научен потенцијал. Имено, астрономите сметаат дека составот на Бену е непроменет во последните 4,5 милијарди години, кога е формиран.
Собирањето и анализирањето на примероци од Бену би требало да им овозможи на научниците нови сознанија за потеклото на Сончевиот систем и неговите планети, а можеби и за изворот на молекули од кои настанал животот на Земјата.
Сондата потоа со недели ќе орбитира околу Бену и ќе собира податоци за неговата маса, топографија и состав. „Озирис Рекс“ прво ќе кружи околу Бену на оддалеченост од 20 километри и постепено ќе се приближува, а процесот ќе кулминира со серија ниски прелети, на висина од само 240 метри, пред влезот во орбитата.
Ако биде НАСА успешна во оваа мисија, Бену ќе стане најмалиот објект во чија орбита човештвото успешно сместило сонда.
Потоа, целта е идентификација на сигурно место за земање на примерок од Бену. Сондата во ниту еден момент нема да слета на астероидот, туку во серија прелети со триметарска роботска рака ќе се обиде да земе примерок од неговата површина, а потоа да се врати на Земјата. Патувањето до Земјата би требало да трае околу две и пол години.