ФБИ после три години потерница го уапси човекот кој пред осум години ја лажирал својата смрт и земал два милиони долари од осигурувањето. За оваа измама американците добиле информации во 2013 година, обвинение против лукавиот Игор Воротинов (54) е подигнато во 2015 година, а апсењето се случило минатата недела кога од Молдавија е пренесен во Минесота, САД, изјави американската обвинителка Ерика Мекдоналд.
Семејството Воротинов ваквиот план го има испланирало во 2010 година кога Игор купил животно осигурување, а после шест месеци се развел од својата сопруга Ирина Воротинова. Само една година подоцна во молдавското село е пронајдено безживотното тело со патна исправа на име Игор, а молдавските власти ја повикале неговата сопруга Ирина, да го идентификува неговото тело. По успешната идентификација, ожалостената сопруга се вратила во САД со урна во која била пепелта на нејзиниот поранешен сопруг.
Набргу сопругата се упатила во осигурителната компанија од каде ги побарала парите од осигурувањето во висина од два милиони долари, а парите биле префрлени на сметки во Швајцарија и Молдавија кои биле на име на нивниот син.
Меѓутоа во јуни 2013 година, во ФБИ стигнала информација дека во Молдавија живее човек кој ја лажирал својата смрт и ги подигнал парите од осигурувањето. Американците мудро го пречекале синот на Игор, Алкон Воротинов да пристигне во Америка и веднаш на аеродромот го одземале неговиот лап топ и ги пронашле свежите фотографии на Алкон и неговиот татко.
Во истрагата, направено е вештачење на пепелта и е докажано дека не припаѓало на покојниот Игор. Алкон на крајот на испрашувањето признал дека неговиот татко живее под лажно име во Молдавија и во Украина, иако се обидувал да се извлече со неубедливата приказна за некакво киднапирање и откуп, пишува хрватски „Јутарњи лист“.