Држава: Словенија
Регион: Горењска
Надморска височина: 501 метар
Површина на езерото: 144 хектари
Блед секогаш е привлечна дестинација. Доколку се решите ова место во северозападна Словенија да го посетите во зима, ќе се одушевите од посебната димензија што ќе ви ја овозможи обиколката на ледничкото Бледско Езеро и околината, прекриена со бела снежна покривка. Гратчето, кое има околу 10.000 жители, изгледа како дел од бајка, а прошетките околу езерото и прекрасните предели ќе ги запаметите засекогаш.
Од Загреб до оваа словенечка дестинација се потребни нешто повеќе од 2 часа возење со автомобил.
Блед со векови ги одушевува туристите од сите краишта на светот што бараат спој на природна убавина и можност за спортски активности. Годишно го посетуваат илјадници посетители што во живо сакаат да го видат малиот остров среде алпското Бледско Езеро, до каде што се доаѓа единствено со чамци, кои се исти како оние од 1590 година. На островот има неколку градби, а најпозната е црквата „Успение на Богородица“. Се верува дека ако поѕвоните на црковното ѕвоно, ќе ве следи среќа. Езерото е опколено со планини, каде што се наоѓа и величествен дворец, до кој се стигнува по средени не многу стрмни патеки.
Секако, можете да ги пробате локалните специјалитети, а за сладокусците неизбежно е да ја вкусат кремпитата во кафеаната „Парк“. Убави мигови ќе поминете и доколку се искапете во некој од термалните извори, што ќе ве опушти и прероди. За нив се знаело уште во 17 век, а во 19 овде почнал да се развива и туризмот. Денес сите хотели околу езерото имаат и термални бањи.