Кит Харингтон кој го толкува ликот на Џон Сноу, одби да го открие крајот на популарната серија „Игра на тронови“, за време на неговото гостување во телевизиското шоу „Во живо во сабота навечер“. Тој одолеваше на прашањата на уште една ѕвезда на серијата Емилија Кларк, која во текот на гостувањето во шоуто тврдеше дека го заборавила крајот, или на Џон Бредли, на кого продукциската куќа Ејч-би-о не му дозволила да го погледне целосното сценарио, пренесува „Вашингтон пост“.
Шегувајќи се, актерката Мејси Вилијамс (Арја Старк) во шоуто одглуми дека ја открива судбината на нејзиниот лик, односно дека Арја умира во втората епизода од последната сезона.
– Кога станува збор за откривањето на детали од серијата, мерките што ги презема Ејч-би-о за чувањето на информациите во тајност се неверојатни. Веќе не користиме сценарио на хартија, а откако ќе ги снимиме сцените, дигиталните верзии едноставно исчезнуваат од нашите уреди. На пример, сцената со пораките кои се самоуништуваат во „Невозможна мисија“ – вели актерот Николај Костер, кој го толкува ликот на Џејми Ланистер.
Но, тоа е само дел од тактиките на Ејч-би-о. Софи Тарнер, која ја толкува Санса Старк, вели дека сезоната била снимена под друго име, кое било „Лице на ангелите“, актерите и на сетовите имале прекари, така што не знаеле што се случува, а на телефоните имале налепници за да не прават фотографии за време на снимањето. Исто така, снимени се повеќе верзии за крајот на серијата, со цел да не се дознае како ќе заврши серијата, сѐ до последната епизода.
За време на снимањето на седмата сезона, тв-екипата намерно поставувала лажни сцени со актери, со цел да ги измамат папараците присутни во близина, кои се обидувале да откријат детали за серијата.
– Мислите на сѐ што правите. Никогаш нема да откријам ништо на никого, дури и на најблиските во семејството. Ја разбирам безбедноста многу сериозно. Можеби тоа е карактерот на Литлфингер во мене – изјави Еидан Гилен.
Мерките за безбедност не се неосновани. Четири лица биле уапсени во Индија откако на Интернет споделија необјавена епизода, барајќи шест милиони долари во биткоини за да не ги објават другите епизоди од сезоната.
Премиерата на последната, осма сезона на „Игра на тронови“ е закажана за недела.