Сликата на Винсент ван Гог на која е прикажана една улица на Монмартр во Париз, првпат е изложена за во јавноста по повеќе од 100 години. Сликата е насликана во 1887 година и е дел од приватна колекција на едно француско семејство. Аукциската куќа „Сотби“ проценува дека нејзината цена ќе достигне осум милиони евра кога ќе се продава на аукција следниот месец, пренесуваат светските медиуми.
Сликата пред продажбата ќе биде изложена во аукциските куќи „Сотби“ во Париз, Амстердам и во Хонгконг. Таа е дел од серијата дела што Ван Гог ги насликал додека живеел со неговиот брат Тео во главниот град на Франција, во текот на 1886 и 1887 година.
Во тоа време Монмартр сè уште била делумно рурална област на Париз, што го покажува ветерницата што се наѕира зад пешаците. Познатата базилика „Светото срце“ која денес доминира во оваа област, била во фаза на изградба за време на престојот на холандскиот уметник. Ван Гог го напуштил Париз во 1888 година и се преселил на југот на Франција. Подоцна се обидел да се самоубие со пиштол, а починал во близина на Париз во јули 1890 година.
Според аукциската куќа „Сотби“ сликата може да се види во каталозите, но досега никогаш не била јавно изложена.
– Појавата на уметничко дело од овој калибар од ваква култна серија е несомнено голема работа – изјавиле од аукциската куќа.