Нова студија сугерира дека консумирањето прашок од исушен лист од пелин може да послужи како евтина терапија против коронавирусот. Едно американско истражување покажа дека екстрактите од ароматичното растение сладок пелин покажуваат антивирусна активност против коронавирусот.
Тоа е лековито растение што потекнува од Азија. Произведува антималарична супстанција артемисинин, а научниците од универзитетот „Колумбија“, Вашингтон, и од политехничкиот институт „Ворчестер“ покажаа дека екстрактите од слаткиот пелин базирани на артемисинин, комплетни флавоноиди или оние од сушени лисја покажуваат антивирусна активност против ковид-19.
– Ова е првиот извештај за ефикасноста на екстрактот од сладок пелин од топла вода од четири различни континенти. Дополнителни студии ќе ја одредат ефикасноста во организмот за да се види дали слаткиот пелин може да послужи како евтина терапија за лекување нови инфекции со коронавируси – рече Памела Витерс, една од авторите на студијата.
Слаткиот пелин се користи како лековито растение повеќе од 2.000 години. Долго време се користи за медицински цели и помага при низа здравствени заболувања, особено во третманот на маларија. Студија од 2005 година покажа дека има и антивирусно дејство против вирусот САРС-КоВ-1, одговорен за епидемиите на САРС во 2002 и 2003 година. Покрај тоа, докажано е дека слаткиот пелин и артемисининот го намалуваат нивото на воспалителни цитокини, интерлеукин-6 и фактор на некроза на туморот алфа.
Американски научници теоретизираа дека прашокот од мелен сушен лист сладок пелин, кој би се спакувал во пилула, може да претставува евтин пристап за лекување ковид-19.