„Скопски грув“ е колектив на млади луѓе што има цел да внесе свежа енергија во културно-уметничкиот живот во Скопје
„Скопски грув“ е колектив на млади луѓе што настана како реакција и резултат на недоволното слободно културно-уметничко дејствување во Скопје. Со желба и иницијатива за поголема интеграција на младите луѓе во културата, како и активна поддршка на локалните артисти, „Скопски грув“ се труди да внесе ентузијазам и нова, свежа енергија за подобрување на скопскиот културно-уметнички живот.
Осум члена го сочинуваат колективот, а меѓу нив и тројца диџеи, кои редовно одржуваат настапи, секој застапувајќи свој жанр музика.
– Нашата намера е да креираме платформа врз која локалните уметници можат отворено и слободно, без социополитчки препреки, да ги претстават своите квалитети и со тоа активно да учествуваат кон подобрување и збогатување на скопските културни настани. Во досегашното, едногодишно дејствување, отворивме поттик за развивање винил-култура, преку активностите на нашите диџеи, како и настанот, кој редовно го организираме, насловен „Винил џубокс“, со кој им даваме живот на винил-плочите. Исто така ја промовираме графити-културата како активен, валиден и содржаен уметнички приказ преку нашата серија настани насловени „Спин и Спреј“, во кои ги соединуваме винил и графити-културата. Поддржуваме локални нови колективи и проекти како младинската емисија „Крик“; играријата на театарската група „Импров група настап“, диџејските колективи „Убли мјузик“ и „Тектум“, аудио-визуелниот проект на „Пирка.авх“, како и активностите на скопските графити артисти.
Учествувавме на годинашниот фестивал „Таксират“, односно на првиот „сајлент диско“ настан во Скопје. А би сакале да истакнеме дека добиваме и голема поддршка од диџеј Гоце Саф, диџеј Чваре и колективот „Фанки Фреш“ – ни изјави Петар Андоноски, еден од иницијаторите на „Скопски грув“.
Нивното учество во културата на Скопје се проширува и преку соработки со студентите од Факултетот за ликовна уметност во Скопје преку изложбата „Четири мајстори на модернизмот“ и студентскиот фестивал „Скомрахи“ при Факултетот за драмски уметности, како и со средношколскиот фестивал „Конект“.
– Правиме настани што содржински се многу различни. Тројца од нас се диџеи, а другите се одговорни за сосема други активности, од идеја, реализација, службени работи, логистика, комуникација, односи со јавност па до дизајн. Сè почна од чист ентузијазам, буквално од домашни забави. Тргнавме за да направиме една платформа што ќе значи дека има можност да создадеме квалитетни настани, не само во уметничка туку и во организациска смисла – вели Марин Мацкиновски.
„Скопски грув“ сака да им се спротивстави на вообичаените пропусти на настаните во градов.
– Креираме платформа отворена за секој што сака да се вклучи, секој поединец што има идеја може слободно да ни пристапи. Сè додека има луѓе, ќе има и идеи за настани – додава Никола Димитриевиќ.
Со овој колектив тие сакаат да им ја вратат слободата, инспирацијата, волјата на сите млади уметници, кои на некој начин биле обесхрабрени во општеството.
– Еден од позабавните настани ни е „Винил џубокс“. Каде што во одреден локал носиме винили и грамофон. Луѓето доаѓаат, си избираат плоча, песна и повикуваат некој од нас да ја пушти песната. Третираме секаков тип музика, сѐ што ќе посакаат гостите. Тоа им се допаѓа на локалите и така си ги финансираме големите настани – објаснува Петар.
На секој нов настан публиката расте. Одзивот од публиката им е мотив секојпат да направат што „погласен“ настан што ќе допре до поголем број луѓе.
– Целта ни е Скопје да го направиме поубаво место за живеење. Следно што планираме е настан на 27 декември, кој ќе биде синтеза на сè што правевме досега. Замислен е како општ настан во денсинг-салата на МКЦ, на кој ќе учествуваат сите што со нас ги делат нашиот раст, идеја и мисла во градот. Забавата непрекинато ќе трае седум часа, ќе има музика, изложба, еден вид отчет на сѐ што сме направиле во изминатава една година – најави Марин.