Ин мемориам: Нина Сприова (1938-2020)

Набрзо по заминувањето на доајенот на македонската забавна музика, Зоран Георгиев, вчера на 82 година, во Филаделфија, САД, нѐ напушти и Нина Спирова, која многумина ја нарекуваат и прва дива на македонската забавна музика.

Таа заедно со Зоран ја отпеја песната „Еден бакнеж“ на композиторот Петар Пешев, на фестивалот „Опатија“ во далечната 1962 година, со која го освоија првото место од публиката пеејќи во алтернација.

„Еден бакнеж“ е една од најпрепејуваните песни во македонската ризница на забавна музика, а овој евергрин беше и носечка музичка тема во филмот „Сенки“ на режисерот Милчо Манчевски од 2007 година.

Но, Нина Спирова, дамата со кадифен алт и впечатлива емотивна интерпретација ќе ја паметиме и по песните кои сѐ уште живеат: „Молчи, молчи“, „Езеро мое“, „Зборувај ми за Скопје“, „Ти не си тука“,„Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ и многу други.

Таа е родена е на 26 октомври 1938 година во Прилеп и пее од својата 16-та година. Го напушта родниот град за да се запише во Средното музичко училиште во Скопје, а потоа и на Музичката академија. Во 1952 година ги прави првите снимки за МРТ пеејќи џез стандарди и други преработки на светски хитови на македонски јазик.

– Среќата кога пејам е чувство што тешко може да се доживее во обичниот живот – изјавила Спирова во едно од своите први интервјуа за македонски медиуми.

Во 1962 се сели во Белград, па во Загреб, а потоа еден период живее во Германија, пред да замине за Филаделфија, САД.

– Во Загреб и во Белград беа многу заинтересирани за мене, а јас многу сакав да се занимавам со музика. Во Скопје немаше можности за тоа – вели Спирова во едно свое интервју.

По наградата во Опатија Нина освојува уште неколку први места на југословенските музички фестивали. На „Белградска пролет“ во 1963 година и 1964 година освојува награди за композициите „Експрес во 03“ и „Бела хризантема“, а во 1965 година на фестивалот „Опатија 65“ уште еднаш ја освојува наградата на публиката со песната „Далеку од љубов“.

Во 1969 година ја освјува првата награда и наградата од стручното жири на фестивалот „Скопје 69“ за интерпретацијата на композицијата „Езеро мое“ од Љубомир Бранѓолица“. Истиот успех го постигнува и со композицијата „На овој ден“ од истиот автор во 1973 година, а една година подоцна го освојува првото место со композицијата на Б. Илиќ, „Претчувство“.

Настапувала во десетина европски земји, како и во САД и Австралија, а во 1966 година како претставник на тогашната ЈРТ гостува во Атина на фестивалот „Музика на Елисејските полиња“. Снимила и неколку плочи и касети за српскиот ПГП РТБ како и ЛП со македонска народна музика, на кое се наоѓаат нејзините интерпретации на македонските народни бисери: „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“.

Меѓу бројните награди добила и „златна лента“ за врвен квалитет во сите музички сегменти, а прогласена е и за врвен естраден уметник.

Сприова се повлекува од сцената кон средината на 1980-те години. Но, дотогаш веќе има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ. Соработувала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои и со Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Александар Џамбазов, Кире Костов, Ванчо Димитров и многу други.

Со својот истовремено нежен и моќен глас, Спирова остави трајни вредности во историјата на македонската популарна музика.

М.Т.