Грозданов беше брилијантен актер, располагаше со особен сензибилитет. Беше врвен мајстор, кој, за жал, тешко ќе се повтори, вели глумецот Бранко Бенинов
Мите Грозданов (1943 – 2018)
Македонското глумиште остана без уште една голема актерска легенда. Нѐ напушти Мите Грозданов, голем глумец, поет, боем и пред сѐ голем човек. Засекогаш ги напушти штиците што живот значат, најблиските, почитувачите, семејството, што беше негово прибежиште и му даваше сила да ги издржи сите животни битки, а не беа малку и не беа нималку лесни.
Останаа уште нереализирани улоги, една од нив беше и Ричард Трети, но со целиот свој актерски багаж Грозданов е еден од најплодните, најнаградувани и најуспешни македонски глумци, докажан во повеќе жанрови. Беше сопственик и на првиот приватен театар во Македонија, основан во Кочани, и направи многу за театарскиот аматеризам во земјава.
Ќе остане запаметен по одиграните ролји, но и по сето она што го остави како спомен за себе, во поезијата, ноќите без интерпункција, во бескрајните приказни со пријателите, а ги има навистина многу.
Голем број негови почитувачи со зборови на почит и со евоцирање на спомените реагираа по тажната вест за неговото заминување.
– Си отиде еден од оние неколку луѓе заради кого занемено се вљубивме во театарот кога беше поумно да се вљубуваш во други работи. Си отиде човекот од кого научивме дека со театарот, и сите оние други вљубувања имаат сила и страст да траат засекогаш. Си отиде човекот чии реплики сме ги знаеле наизуст само од гледање. Си отиде човекот што за нас беше човек кога за публиката беше бог. Си отиде Мајсторот. Бог да го прости чичо Мите – напиша во својот последен поздрав режисерот Јани Бојаџи.
За глумецот од Струмичкиот театар, Бранко Бенинов, со заминувањето на Грозданов, Македонија загуби едно чудо од актер, кој можеше да даде уште многу.
– За жал, болеста му го зеде гласот, единствениот алат, што е најтажно за еден актер. А што се однесува до спомените, во и надвор од театарот, за овие 35 години, најзначајни беа неговиот педагошки пристап и начинот на кој знаеше да ги пренесе своето искуство и знаење. Тој беше татко, учител, човек и се гордеевме што е наш, струмичанец. Јас од Мите Грозданов имам научено многу. Беше брилијантен актер, располагаше со особен сензибилитет. Беше врвен мајстор, кој, за жал, тешко ќе се повтори – вели Бенинов за својот драг колега.
Игор Џамбазов се сети на дружбата со Мите Грозданов кога се вработил во Драмскиот театар.
– Мите струмичанецот, царот за софра, за серенади, за монодрами… Игравме заедно во претстави од сите жанрови. И секогаш, ама баш секогаш, по завршувањето на претставата, додека се пресоблекувавме и ја вадевме шминката од себе, чичко Мите длабоко ќе се издишеше, ќе се погледнеше во големото замачкано огледало, па ќе го изговореше неговото антологиско: „Синко, ете бидна и таа…“ Бидна и таа, чичко колега, само што твојата ќе остане за генерации. Веќе ми недостигаш. Ама и ти завидувам, да знаеш. Друштвото горе е многу поквалитетно од ова овде. И чувај од рајската мастика – напиша Џамбазов на социјалните мрежи.
Глумицата Николина Василевска исто така имаше емотивно обраќање до Мите Грозданов, кое го сподели јавно.
– Во 2006 година во Драмскиот театар започнаа нашите чести средби откога ми ја довери главната улога во „Затвор за жени“. Дотогаш секогаш беше некој друг, некој од ликовите што ги играше на сцената или таму каде што најчесто те гледав, „Македонски народни приказни“. Пред неколку дена интензивно мислев на тебе, ги читав посветите на книгите од Михаил Левенски што ми ги подари по премиерата, се сетив на сите „опашки“ што од милост ми ги ставаше како имиња – напиша Николина Василевска.
Живко Поповски-Цветин во последниве неколку години често беше во друштво на Мите Грозданов, бидејќи и двајцата беа дел од проектот „Почувствувај ја Македонија со шесто сетило“.
– Мите беше една безвременска личност, се дружевме поинтензивно во последниве години и имам убави спомени од тие средби, кои се поврзани со неговото актерство, но и со литературното творештво. Преку проектот „Почувствувај ја Македонија со шесто сетило“, посетивме повеќе манастири во Македонија, а овие средби тој ги збогати и облагороди со својот дух. Бевме заедно и за време на поетските вечери во Капиштец, дружби што ги реализиравме на Цветници. Тој беше голем другар, боем, еден од последните во неговата фела. Човек со огромно искуство на сцената, во театар, на филм, на телевизија – ни рече Живко Поповски-Цветин.
Поетот и архитект Летив Намдагчвин, Монголец, кој над 40 години живее и работи во Македонија, за својот пријател на својот профил на Фејсбук напиша дека Мите Грозданов живееше и почина за универзалната уметност и култура.
– Тој беше човек-театар, човек-поет. Се поклонувам пред неговата величина и изразувам најдлабока почит за неговиот жесток уметнички живот – напиша тој.
Во матичната куќа, Драмскиот театар, каде што вчера се одржа комеморација за големиот актер, Грозданов влезе во 1967 година, по дипломирањето на белградската академија и остана до пензионирањето во 2008 година. Оствари 90 театарски улоги, но работеше и на радио, на телевизија и на филм, од каде што неизоставно е неговото појавување во „Сутјеска“ на режисерот Стипе Делиќ, каде што играше рамо до рамо со Ричард Бартон.
Желбата да им го пренесе актерското мајсторство на помладите ја оствари низ ангажманот во неговиот приватен театар „Македонија“ и со аматерите од КУД „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. За својата работа тој освои многу награди и признанија: „златен лавров венец“ на МЕСС во Сараево и награда од „Млад борец“ за улогата во претставата „Партитура за еден Мирон“, „сребрена колајна“ за монодрамата „Дрво на ридот“ на фестивалот во Земун, награда од колегите за упаѓање за два дена во ликот на Луков од претставата „Црнила“, како и неколку награди од МТФ „Војдан Чернодрински“, меѓу кои е и онаа за животно дело.
Мите Грозданов беше погребан вчера, на гробиштата во Долно Нерези.