Една од најголемите трагедии на човековата цивилизација е давањето приоритет на хемискиот третман над прехраната, вели еден од најпочитуваните нутриционисти на 20 век, д-р Ројал Ли
Свежите органски или домашни овошја и зеленчуци се секако највредните природни извори на сите најпотребни материи, вклучувајќи ги и витамините. Користејќи ги редовно, апсолутно не треба да се грижите за тоа дали доволно внесувате витамини и други потребни материи. Во тој случај, најчесто не ви се потребни витамински додатоци.
Дали сте знаеле дека 1-2 портокали дневно го обезбедуваат препорачаното количество на витамин Ц, а истовремено го снабдуваат телото и со други вредни супстанции? Ако испиете шумлива таблета, вашето тело ќе добие одредено количество витамин Ц со сомнителен квалитет, и тоа е сето она што ќе го добие. Ако, пак, изедете еден портокал или неколку пиперки, сте му дале на вашето тело природна и силна доза од овој вреден витамин, а во исто време сте го почестиле и со многу важни хранливи материи, од витамините А, Б1, Б9 (фолна киселина), со минерали калиум и калциум, па сѐ до хранливи влакна. Портокалот во својот состав содржи над 50 антиканцерогени материи. Дали е поумно да отидете во аптека и скапо да платите за витамин Ц во форма на таблети или, пак, да прошетате низ пазар, да купите килограм свежи портокали или пиперки и да уживате во мирисот, вкусот и здравјето?
Овој пример се однесува на витаминот Ц, но речиси ист е случајот и со другите витамини. Аптеките се преплавени со разни изработки со витамини во форма на таблети и капсули, кои се вештачки произведени за да ги имитираат природните витамини и нивните функции. Нивните здравствени придобивки се многу дискутабилни. Во случајот на синтетички витамини се работи всушност за изолирани витамини. Тоа значи дека не доаѓаат во пакет со други антиоксиданти и фитонутриенти, кои меѓу другото го контролираат начинот на кој тие ќе бидат препознаени и искористени од нашето тело. Овие витамини обично се произведени со додавање синтетички хемикалии, што е уште една причина за поголема претпазливост.
Точно е дека потребата од витамини се разликува и одредени животни околности бараат зголемен внес. На пример, препорачаната дневна доза на витамини е малку повисока кај постарите лица, лицата со многу нарушен имунитет, кај пушачите, спортистите, кај луѓето изложени на тешка физичка работа и др. Повремена употреба на витамински додатоци во форма на таблети и капсули во ситуации на зголемена потреба од витамини не е лошо решение. Но во тие случаи многу е важно да се знае дали таквите препарати се природни или синтетички. Синтетичките витамини се познати и како лабораториски изолирани витамини со изменета структура и состав. За разлика од нив, природните витамински додатоци се изработени така што целосно е зачувана нивната молекуларна и биохемиска структура. Во процесот на нивното производство не се користат хемикалии, адитиви и други штетни додатоци и, како такви, не претставуваат опасност по здравјето на луѓето.
Има многу студии што потврдуваат дека консумирањето на овие додатоци во исхраната може да му предизвика на телото повеќе штета отколку добро. Еден од најпочитуваните нутриционисти на 20 век, д-р Ројал Ли, бил посебно посветен на истражување на благодатите од природната, односно од штетноста на индустриската храна и додатоци во исхраната. По долгогодишно истражување, храбро излезе против индустриските корпорации.
– Една од најголемите трагедии на човековата цивилизација е давањето приоритет на хемискиот третман над прехраната – вели тој.
Некои витамински додатоци се од сомнително потекло, состав и квалитет и претставуваат дополнителен ризик по здравјето на луѓето. Со нивното употребување се поврзани голем број болести, меѓу другото и артритис, остеопороза, Алцхајмерова болест, како и рак. Според една студија, земањето високи дози на синтетички витамин А за време на бременост во голем процент придонесува за развој на аномалии кај фетусот. Вишокот синтетички витамин Д може да доведе до хиперкалцемија (зголемена концентрација на калциум во крвта), а зголемени дози на синтетички витамин Е може да резултира со зголемено крвавење. За разлика од природните, телото многу потешко ги апсорбира повеќето синтетички витамини, а многу побрзо ги елиминира, па поради таа причина нивната ефикасност е намалена. Тоа покажува дека некои синтетички витамини имаат кристална структура, што не е посакувано поради тоа што не се разградуваат, туку во форма на кристали се таложат во телото. Често предизвикуваат мноштво несакани појави, како што се алергиски реакции, стомачни тегоби, проблеми со очите, чешање, сушење на кожата.
Калина С. Андонова