Наскоро ќе се финализира изградбата на вечното почивалиште на Тоше Проески во неговото родно Крушево. Делегација на Владата изврши увид во текот на изградбата.
– Многу скоро, до крајот на летото, овде на Гумење, местото каде што почива балканскиот ангел ќе биде достојно уредено и завршено неговото вечно почивалиште, кое никогаш не е без посетители. Сите тие го одржуваат споменот во негова чест, споменот на благородната душа, која со своите постапки и со своите песни обележи цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво, и беше амбасадор на нашата земја и на неговото Крушево во светот – рече премиерот Оливер Спасовски.
Тој образложи дека сега се изведуваат завршните работи и наскоро неговото семејство, а потоа и неговите обожаватели ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште, кое како симбол ја одразува големата религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог што тој ја споделуваше и преку неговата музика.
Обележјето е симболично, во основа е во форма на крст, а однадвор градбата е во вид на две раце склопени за молитва. Мавзолејот чини околу 160.000 евра.