Најновите колекции на венчаници и свечени тоалети на „Мина фешн“, „Ана Бора ателје“, студиото „Марија Антонета“, „Џеј-зи-џеј бај Златко Јовановски“ беа промовирани завчеравечер на „Брајдал фешн најт“, во организација на „Моден викенд Скопје“ и хотелот „Мериот“. Раскошни венчаници, балски дизајни, сирена-фустани, уникатни креации, многу рачна доработка и оригиналност продефилираа на седмата „Ноќ на невестите“ во „Мериот“.
– „Мина фешн“ го отвори ревијалниот дел на настанот, а венчалната колекција, која беше инспирирана од готската уметност, беше дополнета со интересни модни додатоци и цвeтови. Веднаш потоа посетителите имаа можност да ја видат најновата колекција на „Ана Бора ателје“, наречена „Пчела во снег“. Студиото „Марија Антонета“ преку сензуалната елеганција на тоалетите ја претстави женственоста на модерната и самоуверена жена. А „Џеј-зи-џеј бај Златко Јовановски“ ја промовира спектакуларната и храбра ревија насловена „Џеј-зи-џеј д грејт“ – изјавија од „Модниот викенд“.
„Лиска“ преку моден перформанс ги претстави најновите трендови на долна облека за идните невести. Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“, кое е специјализирано арт-студио за изработка на несекојдневни фустани од свежо цвеќе, и оваа година се претстави со нова и единствена креација. А брендот за италијански накит „Сигма џулари“ ги претстави новите трендови за претстојната сезона, со колекција наменета за секоја модерна и префинета невеста. Модната куќа „Астибо“ приреди ревија на својата нова машка линија за сите идни младоженци. Специјален гостин на настанот беше поп-пејачката Фјола Морина.
С.Ј.