Пандемијата на коронавирусот можеби направи застој во најголемиот дел од глобалниот пазар на недвижности, но не и во Шведска, каде што едно село се продава за 7,3 милиони долари. Станува збор за „велнес-село“ на Сатра Брун, во предградието на Стокхолм, главниот град на Шведска, земја каде што мерките за карантин воопшто не беа воведени. Селото зафаќа речиси 60 хектари, а на продажба се уште 84 хектари неразвиено земјиште.
– Сатра Брун и сите недвижности се регистрирани како капитална компанија, што значи дека нема ограничувања за странските купувачи – вели брокерот Џонас Мартинсон, кој ја опиша архитектурата на селото како прошетка низ времето.
Селото датира од 1700 година, кога докторот Самуел Скраг открил извор на вода во Сатра и го купил околното земјиште. Тогаш тој изградил бунар, куќа со извори, болница, црква и станови, наведува Си-ен-би-си.
Тоа било во време кога растела популарноста на природните извори, затоа што се верувало дека пиењето и капењето во вода со висок квалитет имаат балансирачки и лекувачки ефект врз здравјето и благосостојбата на човекот. Приказната за лековитите својства на водата во Сатра Брун се проширила, а тоа ги привлекло припадниците на локалната елита да градат летни куќи на таа земја. Гостите биле поканети да пијат вода секој ден. Им се нуделе топли или ладни бањи, бидејќи се верувало дека помагаат во емоционалната рамнотежа.
Потоа, во 1740-тите години, земјата и куќите ги купил бискуп од градот Вастерас, кој неколку години подоцна му ги оставил на универзитетот „Упсала“, еден од најдобрите универзитети во Шведска. Во 2002 година, универзитетот им ја продал Сатра Брун на група од 16 локални претприемачи, а селото оттогаш се води како место за спа-туризам. Од 2015 година, таму работи фабрика за шишиња, која е вклучена во продажбата. Тоа е еден од седумте извори што ги добиваат највисоките награди за чистота на водата во Шведска.