Многу холивудски ѕвезди, спортски имиња, познати ликови од светскиот џетсет одлучуваат својот годишен одмор да го поминат токму во регионов. Тие избираат ексклузивни хотели, се кријат од папараците, уживаат во мирот и шармот на Балканот. А ретко, речиси никогаш не сме чуле некое звучно име самоиницијативно да допатува на одмор во Македонија
Бекамови годинава беа на одмор во Црна Гора. Абрамович со луксузна јахта пристигна во Дубровник, Рита Вилсон и Том Хенкс направија самослик покрај Егејско Море, Леонардо ди Каприо се обиде инкогнито да одмора на островот Миконос, атрактивната Никол Шерцингер беше на летување на Миконос. Роналдо остави 20.000 евра бакшиш во хотел на одморот во Грција. Актерката Кејт Хадсон го одбра за одмор островот Скијатос. Елен Деџенерис слободните денови ги троши во Дубровник, а Брет Пит ужива на одмор во Хрватска…
Ова се само некои од насловите што низ годиниве кружат во вестите од Балканот. Многу холивудски ѕвезди, спортски имиња, познати ликови од светскиот џетсет одлучуваат својот годишен одмор да го потрошат токму во регионов. Тие избираат ексклузивни хотели, се кријат од папараците, уживаат во мирот и шармот на Балканот. А ретко, речиси никогаш не сме чуле некое звучно име самоиницијативно да допатува на одмор во Македонија.
Секоја година фестивалите „Охридско лето“, „Браќа Манаки“, „Охрид колинг“, „Скопје колинг“, поединечните концерти на познати диџеи, пејачи и бендови, организирани од наши продукциски куќи и ред други манифестации од светски размери, канат и многу познати ѕвезди, но никој од нив не се вратил во Македонија во приватна режија. Сите се импресионирани од недопрената природа, од скриените места на нашата земја, живописните пејзажи, од бисерот на Македонија, од традиционалната кујна, шармот на Охрид, богатата историја, гостољубивоста на Македонците, но никој од популарните личности што секојдневно се вртат по медиумите не резервирал одмор кај нас.
Поексклузивните хотели ни потврдија дека кај нив престојуваат ѕвезди службено, но никој не им закажал приватно.
Цукеро, Енрике Иглезијас, „Уан рипаблик“, Стинг, Продиџи, Робин Шулц, Дејвид Гета, Џон Њуман, Летиција Каста, Жилиет Бинош, Кетрин Денев… се само мал дел од оние што се разбудиле во Македонија, кои ја вкусиле традиционалната кујна, уживале во опкружувањето на тивка и недопрена природа. Сите оставиле добар збор, си заминале со пријатен впечаток, оставиле ветување дека ќе поминат пак… Но, сепак, доколку не е службено не ја поминуваат границата на Македонија, не ја регистрираат нашата земја на својата туристичка мапа.
Прашањето е дали не сме примамлива дестинација? Дали хотелите не ни се доволно ексклузивни? Или можеби не можеме да ги задоволиме апетитите на славните? Дали треба допрва да созреваме на туристички план? Или сѐ уште нудиме скромни услови за големите „ѕверки“? Можеби ни треба поагресивна маркетинг-кампања? Или воопшто само кампања?
Крсте Блажески од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) вели дека туристичкиот македонски производ што се нуди не е максимално искористен, па тоа можеби е една од причините што ѕвездите не летуваат кај нас.
– Имаме доста недостатоци и недоволно инвестиции во македонскиот туризам. Се движиме во позитивна насока многу бавно. Познати светски имиња доаѓаат само ако се поканети работно. Секако дека имаме предиспозиции за ексклузивен туризам. Неколку недостатоци за подобрување како инфраструктура, чистота, безбедност, подобрување на политичката ситуација и изградба на нови хотели во познатите туристички зони, поголема понуда на туристички производи би можеле да ја подобрат состојбата. Ако добиваме холандски гости, кои се враќаат во земјава и над 10 пати, мора да им е допаѓа, да уживаат во Македонија, така што не доаѓаат само поради ниските цени, туку има и нешто повеќе. Тоа е добар знак за привлекување ексклузивни гости – смета Блажески.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија во овој момент е фокусирана на промоција и развој на алтернативните форми на туризам, кои се подоходовни за локалната економија, земајќи ги предвид капацитетите и ресурсите со кои располага нашата земја. Така што елитниот туризам и привлекувањето на светски имиња се втората фаза.
– Идејата за фокусирање на овој вид туризам е во поглед на раст на бројот на туристи и генерирани ноќевања, кои во многу брзо време треба да поминат од квантитет во квалитет. Откако туристичкиот сектор и сите инволвирани субјекти ќе ги поминат тие неколку чекори, ќе може да се зборува за развој и промоција на Македонија како земја за елитен или ексклузивен туризам. Туристичко-хотелиерскиот сектор треба да изгради и долгорочно да работи на системот целосното управување со квалитетот на хотелите да биде во насока на создавање задоволство кај клиентите. Потребен е ангажман од сите инволвирани страни за да се постигне подобрување на процесите, производите/услугите и генерално културата, затоа што ова е пристап што овозможува квалитет во менаџирањето и резултат што значи просперитет и самоодржливост. Во овој случај, неопходно е да се создаде клима во туристичкиот сектор за постојано подобрување на дестинацијата во поглед на беспрекорна услуга, а потоа да се направи и анализа од која ќе произлезе соодветна стратегија за развој на вакви форми на туризам – велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија.
Македонија нема да се најде на листата на места за посета на светските ѕвезди додека посериозно не се поработи на понудата, а секако и на квалитетот на услугите. Секако ни недостига и кампања што ќе ги потсети познатите дека на туристичката мапа постои и Македонија.
Низ медиумите проциркулира информација дека Црна Гора му платила на семејството на Дејвид Бекам да летува на Свети Стефан за да ја промовираат убавината на оваа земја. За нивното присуство на јадранското крајбрежје се издвоени огромни суми, но Црна Гора е подготвена скапо да плати за позитивна маркетинг-кампања. Можеби и нам ни треба слична промоција.
Имаме 17 хотели со пет ѕвезди
Во туристичката понуда на Македонија, според анализа направена пред неколку години, се вклучени околу 230 хотели категоризирани според европски стандарди. Како што информираат од Министерството за економија според новите законски прописи досега меѓу оние луксузни сместувачки капацитети што ги потврдија своите ѕвездички се најдоа и четири хотели од највисока категорија наречена супериор. Во овие хотели со 5 ѕвезди се вброија скопскиот хотел „Александар палас“, потоа хотелот „Принцес“ на граничниот премин кај Гевгелија, во селото Леуново, покрај Мавровско Езеро хотелот „Радика“ и во Скопје новиот хотел „Буши“, лоциран во Старата скопска чаршија. Според анализите што ги подготви ресорното министерството, во високата категорија со 5 ѕвезди се вбројуваат уште 13 хотели лоцирани во повеќе македонски градови и тоа во Скопје, Гевгелија, Стар Дојран, Берово, Велес, Струга и Охрид.