Глобалната стапка на губење на природата во последните 50 години е од невиден размер во човечката историја и претставува закана за човечките животи и за благосостојбата во светот
Милиони луѓе низ светот ќе се обединат за испраќање заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 28 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Точно во 20.30 часот по локално време, во мрак ќе потонат илјадници споменици низ светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука и дека само ние како поединци ја имаме моќта да го промениме тоа.
Во период кога глобалниот биодиверзитет се намалува со невидени и алармантни стапки, додека паралелно на еден милион животински и растителни видови им се заканува целосно исчезнување од лицето на планетата, а Земјата е на чекор од уништување поради глобалното затоплување, сега е повеќе од потребно да се издигне свеста дека природата е фундаменталната основа за здрава планета и непосредно и најмоќно решение за спас од климатските промени.
Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (ВВФ) оваа година ги повикуваат граѓаните да го дадат својот глас за Земјата на интернет-платформата „Глас за Земјата“. Овие потписи во текот на годината ќе им бидат презентирани на светските лидери и носители на одлуки на глобалните форуми како Генералното собрание на ОН, за да помогнат во креирање нов договор за природата и луѓето, кој ќе гарантира заштитување на преостаната природа и ќе се обиде да помогне во реставрирање на досега загубеното, а истовремено гарантирајќи ја нашата иднина на оваа планета.
– Глобалната стапка на губење на природата во последните 50 години е од невиден размер во човечката историја и претставува закана за човечките животи и за благосостојбата во светот. Природата е бесценета бенефиција, која ни обезбедува храна, вода и чист воздух, и е еден од нашите најголеми сојузници во борбата против климатските промени. Затоа е важно да го дадеме нашиот глас за Земјата, за да ги притиснеме светките лидери да донесат нов договор за природата и луѓето, кој ќе гарантира иднина за сите нас! – вели Марко Ламбертини.
Нашата земја 11 години едноподруго активно учествува во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи илјадници луѓе низ државата во едночасовниот глобален мрак. Тимот на ова движење и официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетинг-кампања, во кое се појавува и инсерт од Скопје.
– Ме радува тоа што Светскиот фонд за природа уште еднаш го препозна трудот што го вложуваме за оваа акција во Македонија и го поставија Скопје во спотот, кој се користи за промоција на овој светски еколошки бренд низ целиот свет. Сметам дека освен што пренесуваме силна порака за спас на планетата, оваа акција претставува и одлична можност за промоција на нашата земја! – вели Ѓорги Селков, од канцеларијата на „Часот на планетата Земја“ во Македонија.
Со оглед на тоа што планетата Земја, нашиот заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатските промени и опаѓање на биодиверзитетот, нашето најголемо светско еколошко движење во Македонија има цел да ги мобилизира поединците, бизнисите и Владата да бидат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите.
Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, ВВФ-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични ќесиња, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека, пак, ВВФ-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови.
Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, „Часот на планетата Земја“ сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.