Во над 1.400-годишното постоење, величествената куполна структура на „Аја Софија“ беше главна катедрала на Византиското Царство, џамија во Османлиското Царство и музеј во модерна Турција, а секоја година привлекува милиони туристи
Зданието што потекнува од шестиот век се најде во центарот на жестока дебата помеѓу националистичките, конзервативните и религиозните групи, кои вршеа притисок таа да се претвори повторно во џамија, и оние што сметаат дека ова светско наследство на УНЕСКО треба да остане музеј, истакнувајќи го статусот на Истанбул како мост помеѓу континентите и културите.
Речиси 1.000 години „Света Софија“ претставуваше најважното здание во источниот христијански свет, како седиште на православниот патријарх и централна црква на византиските цареви.
Кога султанот Мехмед Втори го освоил Цариград во 1453 година, градот станал дел од исламскиот свет и подоцна бил преименуван во Истанбул. Со победата на Мехмед Втори, црквата била претворена во џамија.
Со векови муслиманите од целиот свет доаѓале во „Света Софија“ на дневни молитви, во ова архитектонско ремек-дело во карактеристичен црвен камен.
Со основањето на модерната турска република под Мустафа Кемал Ататурк во раните 1930-ти, џамијата била затворена и станала музеј, како дел од потегот кон секуларизација на Турција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на враќање на статусот на џамијата за време на еден изборен митинг минатата година.
Аналитичарите сметаат дека Ердоган ја користи дебатата за „Света Софија“ за да ги консолидира своите конзервативни поддржувачи и да го одвлече вниманието од позначајните економски проблеми на Турција.
Во дополнителното разгорување на националните чувства, Ердоган наводно дал наредба на неговиот совет да се одржи првата молитва во „Аја Софија“ на 15 јули, во чест на четиригодишнината од неуспешниот обид за државен удар против неговата власт во 2016 година.