Дваесеттото издание на „Оффест“ ќе се одржи од 9 до 13 ноември во Скопје. Планираната програма, според организаторите, е свежа, разнобојна и возбудлива, една од најинтересните во скорешната историја на фестивалот. Сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез (1920-1999) ќе бидат оживеани со настапот на извонредното дуо „Лина и Раул Рефри“ (Португалија/Шпанија) што испорачува модерно и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници.
Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на триото „Широм“ (Словенија), во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и наедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Кико Динучи и неговата специјална гостинка Јусара Марсал ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг. Конечно, величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригинални африкански автори Блик Баси (Камерун/Франција) одлично се вклопува во неодоливиот шарм, визија и поезија на проектот „Пијан славеј“ на Бранислав Николов, лидерот на „Фолтин“.
– Извонредно моќна, возбудлива и оригинална музичка врска меѓу двајца неверојатни музичари. Раул Рефри, еден од најиновативните европски продуценти во последната деценија бил длабоко импресиониран од гласот на Лина, кога ја слушнал како пее во култен клуб во Лисабон. Раул создава сосема нова звучна подлога за нејзините фасцинантни интерпретации на класичниот репертоар на големата кралица на фадото, со брилијантни аранжмани, комплетно нов, неиспробан пристап и уникатен електронски поглед кон фадото, истакнувајќи ја нејзината универзална димензија.
Словенечкото инструментално трио „Широм“ се враќа со својот „имагинарен фолк“, со калеидоскопскиот трет албум, „A Universe that Roasts Blossoms for a Horse“ и со нова серија концерти низ светот. Нивната музика е контемплативна, но може да стане и тврда кога е потребно, повеќе бендовска одошто камерна и повеќе улична одошто урбана по својата природа.
Динучи е бразилски гитарист и композитор од Сао Паоло. Има соработувано со Елза Соарес, Том Зе, Криоло и други. Динучи во себе ги носи влијанијата на легендите на бразилската песна и акустичната гитара како Доривал Каими, Баден Пауел, Жоао Боско или Жилберто Жил.
Бранислав Николов е реномиран музички уметник, изведувач, автор, поет, пејач и лидер на групата „Фолтин“. Тој е денес, без сомнение, еден од најоригиналните и најхаризматични дејци на домашната музичка сцена, познат по својата спонтаност, експлозивност, емотивност и страст во живите настапи.
Весникот „Гaрдијан“ го нарече Блик Баси „еден од најинвентивните и најоригинални африкански музички автори“. Камерунскиот гитарист и вокалист, со живеалиште во Париз, ги вкрстува африканските традиции, бразилската боса-нова и блузот на Мисисипи со полетните мелодии и сугестивниот, кршливо нежен, фасцинантен вокал.