Откако најновата епизода на светски познатата анимирана серија „Саут Парк“,„Бенд во Кина“, го исмеваше Холивуд поради креирање на содржината која ѝ удоволува на кинеската влада, Пекинг одговори со бришење на сите клипови, епизоди и дискусии од шоуто на „Комеди сентрал“, пишува „Холивуд рипортер“.
Епизодата го привлече вниманието на светските медиуми поради острите критики насочени кон начинот на кој Холивуд ги обликува содржините со цел да одбегне навреда на кинеските владини цензури.
„Саут Парк“ никогаш не се плашел од својата навредлива содржина и поради тоа серијата повеќе виртуелно не постои во Кина. Избришани се дури и страниците за обожавателите.
Творците на анимираната серија, Мет Стоун и Треј Паркер, синоќа, на некој начин, се извинија по острите мерки преземени од Кина, пренесе Си-ен-ен.
Watch the full episode – https://t.co/oktKSJdI9i@THR article – https://t.co/nXrtmnwCJB pic.twitter.com/Xj5a1yE2eL
— South Park (@SouthPark) October 7, 2019
– Како и НБА-лигата (се мисли на скандалот со спорниот твит на генералниот менаџер на НБА-клубот Хјустон рокетс, Дерил Мори – н.з.), ние сме отворени за кинеските цензури во нашите домови и во нашите срца. Ние исто така ги сакаме парите повеќе од слободата и демократијата – стои во нивната изјава на Твитер.
Ова не е прв пат навидум безопасна содржина да стане забранета во Кина. Откако луѓето преку Интернет ги споредија анимираните ликови Вини Пу и Тајгер со кинескиот претседател Си Џинпинг и поранешниот американски претседател Барак Обама во 2017 година, мечето беше отстрането од кибер-просторот во Кина.
Стоун и Паркер го завршија нивното извинување со зајадлив коментар кон Си Џинпинг и авторитарната влада на Кина.
– Си воопшто не изгледа како Вини Пу. Следете ја нашата 300-та епизода оваа среда во 10 часот! Да живее големата комунистичка партија на Кина! Нека оваа есенска жетва на сирак биде раскошна! Дали сме сега во добри односи Кина – завршува нивната изјава.