Тим архелози од Универзитетот во Стразбур, Франција, неодамна откриле два саркофага во древна египетска гробница, во долината на Асисиф во близина на Луксор, стари повеќе од 3.500 години. Според археолозите, мумиите биле во „одлична состојба“ и ќе бидат неисцрпен извор на информации за животот во стариот Египет.

До најновите откритија е дојдено за време на работата на локацијата која почна во март годинава, а во текот на археолошките ископувања во истата гробница пронајдени се и околу 1.000 задгробни статуи, изјави генералниот секретар на Врховниот совет за антиквитети Мостафа Вазири.

Според стручњаците, гробницата припаѓала на 18-та египетска династија, која владеела од 1.550 година до околу 1.300 година пред новата ера.

Неодамна во близина на Каиро, археолозите откриле и колекција мумифицирани мачки и инсекти стари повеќе од 4.000 години и седум саркофази на пирамидалниот комплекс на егитедскиот фараон Јусеркаф кој бил основач на петтата египетска династија, од кои три содржеле мумифицирани мачки.

Се планира и продолжување на истражувањата на неодамна откриените локации во Сакара и Гиза, каде што археолозите откриле врата која води кон друга гробница, а која сѐ уште е запечатена. Нејзиното отворање е планирано во наредните неколку недели.

Луѓето во древниот Египет биле мумифицирани за да се сочуваат нивните тела во задгробниот живот, додека животните се мумифицирале со цел принесување на жртви на боговите, пишува српското издание на магазинот „Нешнл џиографик“.