Санта мраз речиси двојно поголема од Њујорк може да се отцепи од ледената плоча на Антарктикот како резултат на брзото ширење на пукнатината што ја следи НАСА. Пукнатината по должина на ледената плоча Бранд прв пат се појави во октомври 2016 година, која воедно се шири на исток, се смета според информациите на НАСА. Оваа пукнатина позната како „Ноќ на вештерките“, ќе се спои со уште една пукнатина која во изминатите 35 години беше стабилна, но сега забрзано се шири на север со околу 40 километри годишно.
Кога ќе се спојат двете пукнатини, што може да се случи за неколку недели, ќе се отцепи санта мраз од 1700 квадратни километри.
Ова е природен процес кај ледените плочи, но „неодамнешните промени се невообичаени за оваа област“ и би можеле да ја дестабилизираат ледената плоча Бранд, предупредува НАСА.
– Најверојатно губењето на мразот од другата страна на пукнатината „Ноќ на вештерките“ ќе значи дека во иднина може да се јави поголема нестабилност – порача Крис Шуман, глациолог во НАСА и на универзитетот Мериленд во Балтимор.
Иако според повеќето мерења се работи за можно отцепување на огромна санта мраз, сепак тој е мал во споредба со други што неодамна се отцепиле од Антарктикот. Во јули 2017 година се отцепи една од најголемите санти од ледената плоча Ларсен Си, со големина од 5700 квадратни километри што е речиси два пати поголема од американската сојузна држава Делавер.
Во иднина ледените плочи на Антарктикот ќе имаат големо влијание врз зголемувањето на нивото на морињата во светот. Во еден извештај што го објавија американски и британски научници лани се вели дека мразот на Антарктикот се топи со рекордно брзо темпо што претставува голема закана за крајбрежните градови.
Една студија откри дека топењето на ледените плочи се зголемило три пати во изминатите пет години. Освен ако не се преземат драстични мерки за да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се ограничи глобалното затоплување, научниците проценуваат дека топењето на мразот од Антарктикот ќе ги зголеми над 25 центиметри нивоата на морињата во светот до 2070 година.