САД денеска им вратија на Филипините три црквени ѕвона, симболи на филипинската борба за независност, кои американските војници ги зеле како воен плен пред повеќе од 100 години.
Ѕвоната биле земени од црквата во Балангига, во источната покраина Самар во 1901 година за време на американската окупација на Филипините.
Украдените ѕвона со авион Ц-130 биле превезени во Манила, а биле транспортирани и два дрвени сандука, кои биле отворени на пистата на воениот аеродром Виламор, каде што се одржала церемонијата на примопредавање.
Ѕвоната, кои на Филипините се симбол на маките и борбата за независност, биле користени за сигнализирање на нападите на филипинските бунтовници на американските војници кои ја окупирале Балангига.
Повеќе од 40 американски војници се убиени во нападите на бунтовниците, поттикнувајќи ја на тој начин одмаздата на американската војска, која нареди убиство на сите локални мажи постари од 10 години.