Руски биолози открија во животинските клетки механизам што го спречува стареењето. Авторите на истражувањето претпоставуваат дека појавата што ја откриле ќе помогне во пронаоѓање начин да се „замрзне“ процесот на стареење кај луѓето.
Истражувањето на научниците од Московскиот државен универзитет, на чело со академикот Владимир Скулачов, покажало дека во митохондриите на клетките на повеќето ткива на организмите на цицачите се наоѓа специјален механизам што го спречува производството на реактивни облици на кислород, што е една од причините за старосните промени во организмот.
Во одредена фаза, оваа заштитна функција почнува да слабее, што доведува до зголемување на количеството на оваа супстанција и до стареење. Истражувачите развиваат пристапи што би можеле да го спречат „гасењето на оваа заштитна програма“.
Молекуларните биолози од Московскиот државен универзитет со колегите од неколку руски и странски лаборатории открија кои од процесите што се одвиваат на клеточно ниво го спречуваат стареењето, а тоа е објавено во списанието на Националната академија на науките на САД.
Клеточните митохондрии, кои се одговорни за производство на енергија, во тој процес исто така создаваат исклучително токсични материи – реактивни видови на кислород (РОС), кој ги оштетува протеините, липидите, а исто така внесуваат мутации во ДНК. Научниците на чело со Владимир Скулачов од Руската академија на науките открија дека во митохондриите има специјален механизам што го спречува производството на РОС. Во истражувањето се наведува дека оваа заштитна функција со годините слабее, што доведува до зголемување на количеството на произведен РОС. Поради тоа доаѓа до оксидација и уништување на клетките во организмот.