Модната дизајнерка Росица Мршиќ ја претстави својата колекција наречена „10/22“, со која одбележува 10 години постоење на брендот и 22 континуирано создадени сезонски колекции. Колекцијата претставува заокружување и разработување на досегашната нејзина изградена естетика, дизајнерски израз и однос кон творењето. Со јубилејната колекција се претставени жените за кои дизајнерката твори: индивидуални, љубители на современата прочистена естетика што веруваат во пристапот „помалку е повеќе“ во модата.
Парчињата од колекцијата се женствени, неоптоварени со потреба од доминантност и изразуваат опуштена елеганција. За колекцијата таа користи материјали како памук, волна, вискоза, кои се со текстура, во бургундска црвена, француска сина и неизбежната црна боја. Мршиќ и во оваа колекција си поигрува со формите и материјалите, но останува на корените на минимализмот, создавајќи колекција што се обраќа глобално и ги надминува модните трендови.
Во текот на нејзиното десетгодишно творење изврши влијание на македонската модна сцена преку понуда на редовни сезонски колекции, оствари соработка со домашни и странски фирми, дизајнирајќи чорапи, костими за капење и накит, учествуваше и беше добитничка на неколку меѓународни модни награди и постигна интернационална препознатливост на својот бренд.