На еден од најголемите пунктови за вакцинација во Романија се појави новогодишна елка висока три метри направена од празни шишиња од вакцината „Фајзер“.
Новогодишната стаклена елка е направена од вкупно 19.000 празни шишиња од вакцини, кои се осветлени со лед-светилки. Идејата за необичната елка се родила уште во март годинава, а персоналот работел на проектот од ноември.
– Новогодишната елка е направена од празните шишенца на „Фајзер“ вакцината кои ги собираме од 1 март годинава. Приближно 19.000 шишенца се употребени во нејзината изработка. Долното ниво е направено од шишенцата на вакцината „Модерна“, а подароците се направени од вакцините „Џонсон и Џонсон“- изјави д-р Раду Кристијан, координатор на центарот за вакцинација.
Тој ја пренесе пораката на благодарност до сите што се вакцинирани.
– Испраќаме порака на благодарност до сите што ја примија вакцината. На овој начин сакаме да покажеме колку сме благодарни што го избравте нашиот центар за вакцини. Овде се вакцинирани 200.000 луѓе – додаде Кристијан.