Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“
Секоја генерација има свои ставови, погледи на светот, свој стил и вкус, кои најпрвин сама треба да ги оформи, изрази и протолкува. Но, дали денес има музички бунтовници во вистинска смисла на зборот? Сите знаеме дека Боб Дилан, Леонард Коен, Џоан Баез, Џони Мичел, Џим Морисон, Џенис Џоплин, „Битлси“, „Дорси“, „Ролингстоунси“, и многу други херои од храброто и славно време на рок-музиката, беа вистинските претставници на рокенролот. Нивната музика беше филозофија на отпор кон државниот естаблишмент и бунтовништво кон неправдата – економска, политичка, социјална. Идеја водилка на сите овие музичари, поети, уметници и рок-творци и креативци, беше отстранувањето на неправдата на која беше изложен обичниот секојдневен човек, остварувањето на личните права на секој измачуван и онеправдан поединец и достигнувањето на слободата. Можеби 1960-тите години беа и најдобри години во историјата на човештвото. Беше отфрлен песимизмот од завршената војна и надминат стравот од таа страшна апокалипса. Се почувствува дека светот полека се отвора и нуди повеќе можности, а новиот уметнички израз – рокенролот – нуди огромно творечко поле. Тоа најсоодветно го изрази Џим Морисон во својот познат стих „Ние го сакаме светот, и тоа веднаш“. Повозрасните, сѐ уште нецелосно ослободени од стравовите од Втората светска војна, не го сфаќаа тоа и правеа сѐ да ги контролираат младите според нивни правила и да ги држат во рамка, ама тоа не им успеваше. Настана голем генерациски јаз и судир на сфаќања и интереси. Но, започнатите процеси на промени и пројавениот бунт на младите не можеа од никого да бидат спречени, и со право култниот панкер Џони Ротен само ќе констатира дека повозрасните и постарите се плашат од младите, не сакаат промени.
Се дигна гласот против војната, се започнаа разговори за расната и политичката рамноправност, и одеднаш светот веќе не беше тој стариот – зачмаен и ригиден, а како таков и неправеден и нехуман.
Во тој контекст црномурестиот Едвин Стар во својата легендарна песна „War“ пее „Војна, о Боже, кажи ми, за што служи таа? Баш за ништо“. Уште поостар е Боб Дилан со вонвременската „The Times They Are a-Changin“, кога во 1963 г. го соопштува апелот „Придвижете се сенатори, конгресмени. Послушајте го овој апел“. Тој протестира против државниот естаблишмент, ја повикува нивната совест, но разбирање помеѓу писателите, критичарите, мајките и татковците, со нивните деца. Предупредува дека стариот пат е истрошен и потребен е нов. Овие легендарни стихови ги поставија темелите на граѓанското движење во САД во раните 1960-ти години. Испеана е само две недели пред атентатот на претседателот Џон Кенеди. Многу импресивен е и соул-пејачот Сем Кук, со својата протестна песна „A Change Is Gonna Come“. Оваа нумера има многу јасна антирасна порака. Инспирирана е од вистинит настан, кога самиот пејач и неколку негови пријатели поради бојата на нивната кожа не биле примени во некој хотел. Трагично е што подоцна Сем Кук ќе биде убиен од сопственик на хотел, кој тврдел дека пејачот се обидел во хотелска соба да силува девојка.
Голем е бројот на рок-музичари што со својата музика покажаа општествена ангажираност и одговорност кон горливите животни прашања. За одговорен однос кон животната средина прв пееше Марвин Геј во својата песна „Mercy, Mercy Me – The Ecology“, а против апартхејдот пееше Питер Габриел во песната „Biko“. Насилството во северна ирска, го осудија „Ју-ту“ и Боно, во потресната нумера „Sunday Bloody Sunday“.
Сите овие протестни, антивоени и социјални песни, ја открија непознатата Америка, во која живеат навредени, повредени и понижени луѓе, отфрлени и напуштени аутсајдери на американскиот сон, луѓе западнати во депресија, фрлени во очај и луѓе без надеж. А токму оваа и ваква рок-музика и поезија, ги обедини младите од 1960-тите. Тоа се покажа како раскажување приказни што ги надминаа генерацискиот јаз и несогласувањата. Барем за кратко, големото значење и безвременската вредност на тие и такви испеани приказни е што со нив можеме сите да се идентификуваме.
Сотир Костов