Тортата „Меланија“ зазема почесно место во излогот на слаткарницата на хотел во родниот град Севница во Словенија. Бранови на бело и златно чоколадо доминираат на површината на чоколадната торта филувана со крем од комбинација на бои, како да ги избрала најпознатата ќерка од Севница, Меланија Трамп, пишува Би-би-си.
Во текот на изминатите четири години, родниот град на сопругата на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп се здоби со извесна меѓународна слава, што помогна во промовирањето на ова место во централна Словенија и на неговите производи. Но, како што претседателството на Трамп привршува, се чувствува и крајот на една ера во Севница.
– Сакавме тортата да биде елегантна, да потсетува на Меланија, со злато поради Трамп и бела боја поради Белата куќа – вели Нуса Видмар, сопственичката на слаткарницата „Јулија“.
Десертот содржи и ореви, кои беа сезонска состојка кога Меланија Трамп стана прва дама во јануари 2017 година.
Посетителите пристигнуваат во овој град со околу пет илјади жители по пат што ја следи реката Сава, минува низ шума и излегува на пиланата каде што трупците се наредени на приколките од камионите.
На брегот на Сава, по кратко возење надвор од градот, на еден дрвен трупец има бронзана фигура со подигната рака, која останува на набљудувачот да процени дали е во неволја или го поздравува.
Ова е друга верзија на статуата која едноставно се вика Меланија. Оригиналната дрвена фигура, која немаше никаква сличност со сега славната поранешена жителка на Севница, била запалена од непознато лице во текот на летото.
Во Севница студиозно ја одделуваат политиката од нивната врска со Вашингтон.
– Многу луѓе од целиот свет доаѓаат во нашата слаткарница и сите ја пробаа тортата „Меланија“, но мислам дека не дошле само поради тортата. Тоа беше голема работа за нас и голема работа за Словенија. Историски момент и мислам дека нема повторно да го доживееме тој момент – забележува сопственичката.
Но тоа не значи крај на придобивките што ги има Севница од поврзаноста со Меланија Трамп. Во внатрешноста на замокот од 16-от век на рид над градот, се продава колекција на локални производи наречена „Прва дама“.
За некои тоа може да изгледа како обид за заработка, но никој не размислува за тоа што би помислила Меланија Трамп кога, на пример, би ја видела саламата именувана во нејзина чест. Локалната власт и компаниите работат заедно за развој на разни локални производи меѓу кои се вино, чоколадо и креми за нега и убавина.
Градоначалникот Среќко Оцвирк вели дека заедничкиот пристап ја одразува заедницата и е начин за претставување на Севница во вистинско светло пред светот.
– Севница не е традиционално туристичко место. Но, она што се случи пред четири години имаше многу добар ефект врз препознатливоста на градот . Тоа го соедини локалното население и ги охрабри компаниите да ги здружат силите и да соработуваат – кажал Оцвирк.
И покрај претстојното заминување на Меланија Трамп од Белата куќа, Севница реши да продолжи да нуди производи со името на првата дама, дури и да го прошири асортиманот.
Жителот Смилјан Слукан кој вели дека неговиот татко и бил учител на Меланија во основното училиште, објаснува како тоа не влијае на неговиот став за исходот на претседателските избори во САД.
– За мене лично не беше голема работа кога таа стана прва дама и нејзиното заминување веројатно ни сега нема да влијае на мене – порачува Слукан.
Неформална анкета на улиците на Севница покажа дека ова е мислење на повеќето граѓани. Само во слаткарницата Нуса Видмар има поинакво мислење.
– Овие четири години секогаш ќе бидат дел од нас – вели таа, истакнувајќи ја тортата „Меланија“.